Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека поради две големи прослави во Скопје и Охрид се создадени два нови кластери на зараза со коронавирус.
„Создадени се нови кластери во Охрид на семејна прослава на која присуствувале околу 200 лица, од нив 8 се позитивни, а 40 се во изолација. Исто така во семејна прослава во Скопје на која присуствувале околу 100 лица, од нив 14 се позитивни. Голем проблеми е што во дел од случаите лицата не соработуваат за анкетите и не даваат точни информации“, рече министерот Филипче.
Тој информираше и дека од вработени во штипските конфекции се земени 780 брисеви и се потврдени 124 случаи, а 20 лица се хоспитализирани.
„Во Штип и Тетово се намалуваат бројките, но голем проблем е во Скопје. Посебно, општина Чаир. Овој бран се уште трае, иако две од четирите големи жаришта спласнуваат. Сконцентрирани сме на спласнување и на заразата во Скопје. Пред нас е долга битка со вирусот, тој е уште тука“, рече Филипче и додаде дека повеќето од граѓаните не даваат точни податоци во епидемиолошките анкети.
„Оваа битка здравствените работници не можат да ја добијат сами, туку, мораме сите заедно“, предупреди министерот.
Тој смета дека не е потребно продолжување на вонредната состојба. Во одговор на новинарско прашање Филипче рече дека иако тој смета оти нема да има потреба повторно да се воведе ограничување на движењето, мерката би можело да биде воведена и без вонредна состојба во државата.
Министерството за здравство денеска околу пладне соопшти дека во последните 24 часа се направени 971 тестирања и се регистрирани 175 нови случаи на ковид-19, а регистрирани се и пет починати пациенти.