Портпаролот на Движењето самоопределување, Арлинд Манџука, информираше дека во партиското седиште стасала покана од косовскиот премиер Авдулах Хоти за Албин Курти да учествува на лидерски форум за дијалогот со Србија, но Курти нема да одговори на неа, јави МИА од Приштина.
Како што објави Манџука на Фејсбук, поканата од Хоти е одбиена, затоа што неговата партија ја смета актуелната влада за нелегитимна, поради нејзината „зависност“ од најголемата партија на косовските Срби, Српската листа и претседателот на државата Хашим Тачи.
Хоти при вчерашната посета на Академијата на науките и уметностите на Косово најави дека ќе основа форум со лидерите на сите политички партии, а во рамките на премиерската канцеларија ќе се формира сеопфатен Експертски совет за дијалогот Приштина - Белград.