За телефонскиот разговор на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев за изборите, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи смета дека не станува збор за надворешна медијација туку за внатрешно посредување, бидејќи земјава веќе е внатрешно прашање на ЕУ.
„За медијацијата мислам дека веќе станавме внатрешно прашање на ЕУ со фактот дека добивме одлука за почеток на преговорите и медијацијата од страна на Комисијата не го гледам како надворешно посредување. Тоа е внатрешно посредување бидејќи ние сме дел од семејството. Како некој внатре во државата да посредува помеѓу партии или институции така ја рзабирам улогата на комесарот Вархеји. Добрдојдена е тој вид на медиација и се надевам дека партиите ќе смогнат сили да постигнеме консензус. Се согласувам со твитот на Вархеји дека се потребни фер демократски и инклузивни избори имајќи ги предвид сите околности со пандемијата“, рече Османи на денешната прес-конференција и додаде дека се уште има простор за еден правичен, инклузивен процес на 5 јули.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји објави дека разговарал за парламентарните избори во земјава со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Тој на Твитер напиша дека ја истакнал важноста од слободни, фер и инклузивни избори во Северна Македонија, водејќи сметка за состојбата со Ковид -19 и за потребата од економско закрепнување.