Сојузот на синдикати на Македонија бара мерката за финансиска поддршка за исплата на плати да важи и за јунската плата, но овие пари да се исплаќаат директно на сметките на работниците, бидејќи, како што појаснуваат од ССМ, „во изминатиот период имало информации за злоупотреби, како и поради пријавите дека на работниците им се исплаќа помал износ на плата од она што работодавачите го добиле како финансиска помош, а на некои и воопшто не им се исплаќале плати“.
„По укажувањето на ССМ за појави во одредени компании кога работодавачите иако добиле субвенции од државата во висина од 14.500 денари по работник за исплата на платата, на работниците им исплаќаат понизок износ на плата од она кое што го добиле како помош, а има и такви компании кои иако земале државна помош воопшто не исплатиле плати на работниците, УЈП информираше дека е во постапка на вршење на анализа на компаниите на кои им е исплатена финансиска поддршка и на податоците за пресметани и исплатени плати од нивна страна. За компаниите каде ќе бидат утврдени неправилности, УЈП по службена должност ќе ги достави податоците до Државниот инспекторат за труд и заеднички и координирано ќе постапува“, се вели во соопштението од ССМ и се додава дека до УЈП има стигнато претставки за непочитување на оваа мерка.