Владата донесе Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, соопшти вечерва владината прес-служба. Со Уредбата задолженија добија неколку институции, вклучително Државната изборна комисија (ДИК), МВР и Министерството за здравство.
По одржувањето на 64-седница, Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од денот на влегувањена сила на уредбата, да ги достави до Државната изборна комисија податоците од членот 43, став б на Изборниот законик, односно листата на државјани кои поднеле барање за издавање на лична карта или патна исправа по било кој основ и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегување на сила на оваа уредба, се вели во соопштението.
Министерството за внатрешни работи исто така треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно 22-от ден од престанокот на траењето на вонредната состојба.
Во владиното соопштение се вели дека Државната изборна комисија податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност и оти согласно уредбата, основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од влегување на сила на оваа Уредба, се должни да ги достават податоците за граѓаните до Државната изборна комисија, заклучно со денот на влегување на сила на Уредбата.
Исто така, со Уредбата ДИК и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажурирање на избирачкиот список.
„Државната изборна комисија е должна да ги преземе сите и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија согласно Изборниот законик“, се вели во владиното соопштение.
Министерството за здравство е задолжено да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место, според протоколите утврдени од Комисијата за заразни болести за потребите за изборите.
Од Владата информираат дека единствен кој гласал против оваа уредба е министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Опозицијата и денеска излезе со критики кон власта и кон претседателот на СДСМ Зоран Заев, од каде во партиско соопштение наведоа дека тој „гази врз мртви и новозаразени само за да издејствува избори за помал пораз.“
ВМРО-ДПМНЕ деновиве ја критикува власта дека сака да организира избори во услови кога се зголемува бројот на заболени од Ковид -19.
125 нови случаи на Ковид-19 и седум починати
Недобивањето на датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година, но тие во меѓувреме беа одложени поради избувнувањето на пандемијата на новиот коронавирус.