Училишното ѕвоно кое нестрпливо во минатото го очекуваше секој ученик за крајот на школската година овој десетти јуни е бесчујно. Наместо со цвеќе за учителката и поздрав со другарчињата, учениците крајот на завршената година го дочекаа онлајн. Не се радуваа на скратените часови на последниот училишен ден, а списокот со лектирите кои треба да ги прочитаат за време на летниот распуст ќе го добијат по електронска пошта.
Речиси една третина од учебната година учениците ја следеа онлајн. Како мерка за спречување на ширењето на пандемијата со ковид-19, властите донесоа одлука да се затворат училиштата, градинките и факултетите од 11 март. Учениците останаа дома и наставата ја следеа од далечина. Оваа година ќе изостанат прославите за крај на учебната година, а не се знае ни кога, ни како ќе ги добијат свидетелствата.
Оваа година е поинаку, вели скопјанката Ивона Б. која е мајка на четвртоодделенец, и на првоодделенец одсептември.
„Немаме известување околу свидетелствата. Оној класичен концепт и начин кој досега го имавме со земање на свидетелство и класичниот собир во училиште сега ќе го нема, а можеби тоа ќе биде дури од септември. Во овој период децата можеби и нема да приметат тоа што веројатно би им недостасувало, затоа што едвај чекаа да завршат овие три месеци и сите домашни што ги добиваа, бидејќи тие имаа чувство дека се на распуст, а не на училиште“, вели таа.
Видете и ова: Учениците дома, наставниците имаат насоки како да ги оценат
Бленди Ходаи од Средношколскиот сојуз вели дека далеку од идеална е ситуацијата со образованието во овој период.
„Наставата беше хаотична и далеку од традиционалниот начин кој го имавме досега“, вели тој за РСЕ.
„Тоа што беше различно оваа година, е прво што матурантите, можам да речам дека беа вонредна генерација. Второ што е различно е што не ја завршивме годината во училиште заедно со учениците, туку преку интернет. Ни недостасува дружбата, тоа е многу важен дел од образованието, потоа екскурзиите, прославите, но во вакви вонредни состојби тоа го правевме онлајн“, вели Ходаи од Средношколскиот сојуз.
Тој вели дека засега немаат информации кога и како ќе добијат свидетелства за крај на учебната година.
Средношколците со 13 препораки за далечинско учење
Учењето во изминатиот период кога децата учеа од дома беше тежок и макотрпен, оценува и Ивона од Скопје, мајка на дете кое завршува четврто одделение. Тешко беше да се сменат навиките и да се задржи таа концентрација, која ја имаат во училиште, вели таа.
„Учителките навистина беа заинтересирани и отворени за соработка во целиот овој просец, претпоставувам дека и на нив не им беше едноставно. Исто така голем проблем е што сето тоа што досега го сработеа, беше некако како на јуриш, колку децата запомниаа од сите тие домашни и од таа онлајн настава не знам. Ние се фокусиравме тоа да биде сработено детални и домашните задачи завршени навреме. “
Таа вели дека во училиштето каде учи нејзиното дете, немало тестирања за овој период, а им било речено дека оценките ќе бидат формирани врз основа на постигнатото преку целата година и врз основа на сработените домашни.
Од септември нејзиното помало дете треба да тргне прваче, но и тој процес сега е променет.
„Тргнувањето во училиште секој од нас го памти и сега на повозрасни години. Неизвесно е дали ќе тргнат на училиште, тестирањето е почнато, но и тоа е процес кој ќе трае подолго време, со прашалници сме околу тоа, не знаеме дали ќе тргнат на училиште, дали ќе има некаков начин на одбележување, а искрено се надеваме дека ќе се направи тоа, оти тој ден е еден и единствен и децата треба да го доживеат тоа“, вели Ивона од Скопје.
Реакции за далечинскот учење во јавноста имаше многу, од критики за неподготвеноста на системот и системски пропусти па до охрабрувачки пораки дека ,сепак, е најважно децата да не заостануваат и да стекнуваат знаења и на поразличен начин од класичното образование.
Адеми се надева на враќање во училиште на 1 септември
Министерот за образование Арбер Адеми на официјалниот Фејсбук профил им посака пријатен распуст на учениците.
„Драги ученици, би посакал оваа учебна година, како претходните години да ја завршивте во училишните клупи, насмеани заедно со вашите другари и другарки! Но, понекогаш работите не одат како што сакаме ние… И покрај фактот дека не може да се замени наставата во училишните клупи, вие покажавте максимален интерес и посветеност да продолжите да учите од далечина со помош на родителите, и не се сомневам дека сте ја постигнувале целта“, напиша Адеми на Фејсбук и им предложи на учениците на распустот да прочитаат некоја книга или лектира и да се вклучат во спортски активности. На матурантите и дипломците, пак, им посакува успех во уписите.
Учебната година ја завршија околу 270 илјади средношколци и основци во земјава.