Бројот на новодијагностицирани со коронавирусот во државава бележи намалување. Вчера беа регистрирани 87 нови случаи, завчера 127, а ден претходно 111 случаи. Вкупната бројка на дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 3.239, бројката на оздравени пациенти е 1.658, на починати е 157, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.424.
Рестриктивните мерки спасија милиони луѓе од ковид-19
Министерот за здравство Венко Филипче вчера апелираше до сите да се придржуваат до мерките за заштита. “Да носиме заштитна опрема, да одржуваме физичка дистанца и често да ги миеме рацете. Успешно се справивме со првиот бран, верувам дека и овој пат ќе донесеме правилни одлуки и побрзо ќе го спречиме ширењето на вирусот,” напиша Филипче на Фејсбук. Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери истакна дека 60 отсто од вкупниот број активни случаи во градот се асимптоматски, што, како што рече, е многу важно и затоа сите треба да бидат претпазливи.