Милијардери, лидери, демонстранти, боеми...
САД - Американскиот милијардер и основач на Мајкрософт, Бил Гејтс ги негираше теориите на заговор што се шират на социјалните медиуми во кои се наведува дека тој стои зад намерата за употреба на вакцини за имплантирање на микрочипови кај луѓето. Никогаш не сум бил вклучен во каква било работа од типот микрочип, рече тој додавајќи: Скоро е тешко да се негираат овие работи, бидејќи е толку глупаво или чудно што дури и да се спомене тоа му дава кредибилитет.
МАКЕДОНИЈА - Во последното деноноќие се направени 702 тестирања, а регистрирани се 127 нови случаи на ковид-19 и тоа во Скопје-67, Куманово-1, Дебар-1, Штип-33, Тетово-10, Струга-5, Охрид-6, Кочани-2, Пробиштип-2. Три лица починаа, а регистрирни се 7 оздравени пациенти од кои во Скопје-4, во Тетово-2 и во Гостивар-1, соопшти Министерството за здравство.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, денеска изјави дека снимките од кафеаната на Боемска улица во Скопје, каде беше фатен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како спротивно на протоколите седи во затворениот дел, сè уште се анализираат, но дека без разлика за кого станува збор, ако треба - одговорност ќе има.
НОВ ЗЕЛАНД - Новозеландската премиерка, Џакинда Ардерн, денеска соопшти дека Нов Зеланд веќе нема заразени со коронавирус и ќе ги укине сите мерки, освен оние на границите.
ГЕРМАНИЈА - Германскиот координатор за трансатлантски врски Питер Бејер ја критикуваше одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување илјадници војници од Германија.
КОСОВО - Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека косовските институции се подготвени за продолжување на дијалогот со Србија и е оптимист дека договорот за надминување на споровите меѓу двете земји може да се постигне до крајот на годинава, јави МИА од Приштина.
СРБИЈА - Американската новинска агенција Асошиетед прес објави дека претседателот на Србија Александар Вучиќ, му дал отворена поддршка на претседателот на САД Доналд Трамп, што е ретко од некој европски лидер.
САД - Десетици илјади луѓе веќе 12 дена по ред излегуваат на улиците на многу американски градови на протести против полициската бруталност и расната нееднаквост.