Продолжуваат протестите против полициска бруталност и расна нееднаквост во САД

Протести против полициска бруталност и расна нееднаквост во Вашингтон

Десетици илјади луѓе 12-ти ден по ред излегоа на улиците на многу американски градови на протести против полициска бруталност и расна нееднаквост.

Во главниот град Вашингтон се одржаа најголемите протести, кои го потресоа американскиот политички систем, од 25 мај кога црнецот Џорџ Флојд почина за време на апсење во Минеаполис, додека полицаец речиси 9 минути го притискаше со колено врз вратот.

Полиција, федерални агенти и воени возила затворија голем дел од центарот на Вашингтон за сообраќај во очекување на протестите.

Многумина се собраа во близина на Белата куќа, каде што беа поставени огради и бетонски барикади со кои беа затворени парковите.

Големи протести се одржаа и во Њујорк, Филаделфија, Сиетл, Чикаго и Лос Анџелес. Помали протести беа одржани во помалите градови, предградијата и руралните средини.

По насилните протести, грабежи и палења на почетокот, сега протестите се главно мирно, но сепак имаше пријавено инциденти.

Протести за поддршка се одржаа и во Берлин, Париз, Лондон и во други градови низ Европа, а демонстрантите во Лондон се судрија со полицијата.

Протестите доаѓаат во време кога администрацијата на претседателот Доналд Трамп се бори против пандемијата на коронавирус и економските последици што таа ги предизвика.

Трамп, на претседателските избори во ноември, ќе се обиде да добие втор мандат, а ќе се соочи со поранешниот потпретседател Џо Бајден, кој е кандидат на Демократската партија.

Трамп на 5 јуни рече дека властите треба да ја преземат контролата врз улиците за да спречат грабежи и палења.