Маски и пасоши
БЕЛГИЈА - Европската унија во потполност ќе ги отвори внатрешните граници до крајот на јуни и во јули ќе почне со укинување на ограничувањата и со други земји, соопшти денеска комесарката за внатрешна политика Илва Јохансон.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека е несомнено оти имаме втор бран на заразени од коронавирусот, кој е резултат на непочитување на мерките за групирање и собири од страна на граѓаните, како што покажале епидемиолошките прашалници, но и дека зголемениот број е очекуван поради начинот на тестирање применет во изминативе денови, со оглед на голем број асимптоматски случаи. Во последното деноноќие се регистрирано 120 новозаразени и 2 починати.
КОСОВО - Новиот премиер на Косово, Авдулах Хоти, изјави дека тој ќе го води дијалгот за нормализирање на односите со Србија, затоа што тоа е негово право и обврска согласно Уставот на Косово.
БРАЗИЛ - Бројот на починати во коронавирусот во Бразил го надмина бројот на жртви во Италија, додека во Мексико е регистриран рекорден број на заразени во еден ден во време кога лидерите во Латинска Америка ги олеснуваат мерките за забрани и повторно ги рестартираат економиите, јавува Ројтерс.
ТУРЦИЈА / ЛИБИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека ќе ја зголеми поддршката за претседателот на меѓународно призната либиска Влада, Фајаз ал-Сараџ и оцени дека конфликтот во таа земја може да се реши само политички, под покровителство на Обединетите нации.
РУСИЈА - Бројот на потврдени нови случаи на коронавирус во Русија се зголеми за 8.726 со што вкупниот број на заболени лица во оваа земја е 449.834, соопшти денеска кризниот центар задолжен за сизбување на вирусот.
ДР КОНГО - Во последните осум месеци во конфликтите во ДР Конго се убиени околу 1.300 цивили, соопшти денеска ОН, предупредувајќи дека некои инциденти можат да претставуваат и злосторства против човештвото.
ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел ги отфрли наводите дека може да побара петти мандат како шеф на владата, односно дека се премислила во врска со ветувањето оти ќе замине од политика кога ќе и истече мандатот на нејзината сегашна влада.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - На самитот за средства за вакцини чиј домаќин беше Британија, како што е соопштено, биле собрани 8,8 милијарди долари од меѓународни донатори, влади, компании и филантропски фондации за финансирање на програмите за имунизација до 2025 година. Виртуелниот самит, кој собра повеќе од 50 земји, го организира Глобалниот сојуз за вакцини кој соопшти дека собраните средства ќе бидат искористени за вакцинирање на околу 300 милиони деца во десетици земји против болести како што се маларија, пневмонија, ХИВ и други.