Фејсбук почна да етикетира руски, кинески и ирански државни медиуми

илустрација

Фејсбук соопшти дека започна да етикетира државно контролирани организации за медиуми, како што е рускиот „Спутник“, иранскиот „Прес ТВ“ и кинеската „Хсинхуа њуз“, така што луѓето ќе знаат дали содржината што ја прочитале доаѓа од ентитет кој може да биде под влијание на една држава. „Обезбедуваме поголема транспарентност кај овие медиуми, бидејќи тие го комбинираат влијанието на медиумската организација со стратешкото поддржување на една држава“, наведува Фејсбук. Компанијата првично ќе ја применува етикетата на околу 200 страници.

Твитер прекри со предупредување пост на Трамп

Под делот „Транспарентност на страници“ на страната на Спутник, на етикетата се вели: „Овој издавач е делумно или целосно под уредничка контрола на една држава”. Истата порака се појавува на страната на кинеските вести Хсинхуа. Фејсбук нема да етикетира никакви новински организации со седиште во САД, откако утврди дека американските владини извори имаат уредничка независност, изјави Натаниел Глајхер, шеф за сајбер-безбедност на Фејсбук, во интервју за Ројтерс. Фејсбук, според него, нема да ја користи етикетата за медиуми што се поврзани со индивидуални политички фигури или партии.