Шведска ќе обезбеди бесплатни тестови за сите оние кои покажуваат симптоми на коронавирус и ќе ги испитува контактите на заразените, соопштија шведските власите. Новата програма за тестирање е за да се контролира стапката на инфицирани во земјата, која не наметна строги мерки за спречување на вирусот, како што тоа го направија многу нејзини соседи.
Владата соопшти дека ќе издвои 5,9 милијарди шведски круни (околу 640 милиони американски долари), покрај веќе ветените една милијарда круни, за да ги покрие трошоците за тестирање и за трагање по контактите на заразените. Секој со симптоми ќе може бесплатно да се тестира, а двата теста - за скрининг за активни инфекции и серолошките тестови за откривање на претходните инфекции ќе бидат широко достапни.
Во Шведска досега се потврдени речиси 42 илјади заразени со КОВИД-19 и повеќе од 4500 смртни случаи.
Шведската Влада денеска соопшти и дека од 13 јуни граѓаните без симптоми на коронавирус ќе можат да патуваат слободно во земјата,- иако мора да се придржуваат кон препораките за физичко растојание.
Во март Владата ги забрани сите непотребни патувања, а минатиот месец ги олесни мерките и советуваше граѓаните да патуваат само околу еден или два часа од дома. Во земјата освен забраната за јавни собири на повеќе од 50 лица и посети на старечки домови, повеќето мерки не се правно обврзувачки.
Шведските власти во повеќе наврати истакнаа дека мерките се дизајнирани за долги патеки, и дека борбата против вирусот е „маратон, а не спринт“. Но, нивниот пристап беше критикуван дома и во странство, особено затоа што бројот на смртни случаи ги надминаа оние во соседните земји, кои воведоа построги мерки. Оваа недела државниот епидемиолог Андерс Тегнел призна дека има простор за подобрување на пристапот на земјата и дека стапката на смртност е превисока.