Министерот за здравство Венко Филипче го повика епископот на Повардарската епархија, Агатангел, да го повлече повикот до верниците да ги посетат храмовите бидејќи гробиштата за Духовден ќе бидат затворени.
Министерот вели дека ова е многу осетлив период и повикот на владиката е спротивен на сè што се прави да се заштити јавното здравје.
„И, секако, спротивен е и на многу уредби коишто Владата ги има донесено, а тоа е пред сè уредбата за забрана на масовни собири. Тоа е нешто кое доколку се случи, сериозно ќе го загрози здравјето на сите кои ќе бидат таму присутни, како и јавното здравје“, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање за време на прием на донација од ЕУ.
Повардарската епархија, на чело со владиката Агатангел, денеска ги повика православните верници од местата кои се под таа епархија во петок и сабота да одат во црквите, бидејќи има забрана за одење на гробишта за Задушница како антикорона мерка.
Во последните 24 часа регистрирани се 120 нови случаи на Ковид-19.