Повардарската епархија повикува на масовно одење во црква за Задушница

Повик на повардарската епархија за одење во црква место на гробишта за Задушница

Повардарската епархија, на чело со владиката Агатангел, денеска ги повика православните верници од местата кои се под таа епархија во петок и сабота да одат во црквите, бидејќи има забрана за одење на гробишта за Задушница како антикорона мерка.

„Со оглед на новонастанатата состојба во нашата држава, а заради пандемијата со Ковид-19, која се однесува на забраната за посетување на гробните места за денот на покојните – Духовденска задушница, се известуваат и повикуваат сите верни чеда на Повардарската православна епархија од сите населени места кои се наоѓаат во нејзиниот состав, во деновите 05.06. 2020 (Петок) и 06.06.2020 (Сабота), во периодот од 08-14 часот, да дојдат во храмовите (дворовите на храмовите) и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели“, стои во соопштението на Епархијата.

Владата вчера ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и како мерка против ширењето на коронавирусот е воведен полициски час од денеска од 21 часот до понеделник до 5 часот наутро, во Скопје (сите скопски општини), во Општина Куманово, Општина Липково, Општина Штип, Општина Тетово, како и во Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.

Во сите останати градови полицискиот час да трае од денеска во 21 часот до петок до 5 часот наутро, додека во останатите денови ќе почнува од 16 часот и ќе трае до следниот ден до 5 часот наутро. Повторното воведување на рестриктивните мерки следува по зголемениот број ново дијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава во изминатите денови.

Од Повардарската епархија, под која спаѓаат Велес, Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Гевгелија и околните села, повикуваат верниците масовно да одат во црква во петок и сабота. Во населените места од Повардарската епархија, полицискиот час почнува од денеска во 21 часот до петок до 5 часот наутро, додека во останатите денови ќе почнува од 16 часот и ќе трае до следниот ден до 5 часот наутро.

„Во тој спомен (на нашите претходно упокоени) на ден 06. 06. 2020 (Сабота) со почеток во 08 часот ќе биде отслужена и Заупокоена Литургија во сите храмови. Затоа Ве покануваме помасовно и достоинствено да им оддадеме чест и спомен на сите упокоени наши браќа и сестри во Христа“, повикуваат од епархијата.

Во последните 24 часа се направени 953 тестирања, а регистрирани се 120 нови случаи на ковид-19, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.