Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа на својот профил на Фејсбук напиша дека тој заедно со двајца свои познаници бил во ресторан во Дебар Маало, дека не бил доволно информиран за новите протоколи и дека е подготвен да плати паричната казна поради тоа.
„Во услови кога имаме вистинска катастрофа од ширењето на корона заразата и целосно фијаско на власта која е дезориентирана и не е ефикасна, таа се занимава со тоа дали сум ручал внатре или надвор во ресторан, притоа комплетно покажувајќи го на дело нејзиното нечесно лице и инсталации. Дефокусирајќи ја јавноста со таа “епска битка” на специјалците од ЕБР, со вработените од ресторан, јавувајќи се по медиуми, да прават приказна од нешто каде нема и низа други дезинформации, со цел да се дефокусира вниманието од вистинската катастрофа со животите на граѓаните, предизвикана од неспособната власт. Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, прв пат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи. Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа. Не мислам дека луѓето не знаат да направат грешка, битно е грешката да не е таква да направи лошо некому, да наштети некому, да биде непоправлива“, напиша Мицкоски.
Лидер на политичка партија бил во кафеана во Дебар Маало, инспекторите спречени да извршат контрола
Раководителката на Одделението за инспекциски надзор Скопје Мери Продановска синоќа на вонредна прес-конференција изјави дека инспектори биле спречени да извршат контрола во угостителски објект на „Боемска улица“. Според неа, додека инспекторите чекале да влезат, од објектот излегол претседател на политичка партија, но не прецираше за кого станува збор.