Пелоси и Шумер го критикуваа Трамп

Ненси Пелоси, Чак Шумер и Доналд Трамп

Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси и лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер го нарекоа претседателот Доналд Трамп „кукавица, слаб и опасен“, поради неговиот став кон масовните протести во земјата предизвикани од смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд.

„Американците протестираат низ нашата земја да го прекинат образецот на расната неправда и бруталност што го видовме неодамна во атентатот на Џорџ Флојд. Наместо тоа, во време кога нашата земја тежнее кон единство, претседателот не дели. Се користи солзавец против мирни демонстранти само за да може претседателот да позира за фотографија пред црквата, со што ја обезвреднува секоја вредност на која нè учи религијата“,велат во заедничката изјава Пелоси и Шумер.

Станува збор за фотографијата на Трамп во која тој ја држи Библијата пред црквата Свети Јован во близина на Белата куќа, која беше полесно оштетена во пожарот предизвикан од демонстрантите во недела навечер.

Откако во понеделникот вечерта ја најави употребата на армијата, нејзините членови ги растераа демонстрантите кои мирно протестираа во паркот Лафајет од другата страна на Белата куќа, јави Би-Би-Си.