Новозаразените се од познати кластери, околу 70 отсто од новозаразените се од Чаир и Сарај, а денеска се работи интензивно во Чаир и Студеничани, а податоци ќе имаме утре. Добар дел од заразените пациенти остануваат дома и здравствениот систем и со овој бран добро ќе се справи, изјави министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека ситуацијата е под контрола и дека ќе се причека два до три дена за да се утврди дали има потреба за нови рестриктивни мерки, а во меѓувреме времено се затворени шест конфекции во Штип, а вработените ќе бидат тестирани.
„Дел од граѓаните одбиваат да бидат тестирани и не соработувале, иако биле во контакт со болни од коронавирус. Со криење и давање погрешни податоци не се постигнува ништо“, изјави министерот и побара од МВР почесто да се вршат контроли на терен.
Филипче изјави дека на Комисијата за заразни болести утринава станало збор и за воведување на карантин и полициски час во одредени делови, при што било констатирано дека ќе се одлучува после 2-3 дена, а ќе зависи од резултатите во следниот период.
„Беше констатирано дека нема неконтролирано ширење на вирусот. За дополнителни рестриктивни мерки ќе се почекаат резултатите од следните 2-3 дена, а потоа ќе се носат одлуки. Под рестриктивни мерки се подразбираат воведување на полициски час на локално ниво“, рече Филипче.
И покрај тоа што соседните земји ги отворија границите, министерот за здравство Венко Филипче вели дека е рано да се отворат границите и дека одлуката ќе се носи наредните денови по проверка на податоците и анализа на бројките.