Министерството за здравство информираше дека во последното деноноќие се регистрирани 89 новозаразени со коронавирус, седум починати и 17 оздравени.
„Во последните 24 часа се направени 727 тестирања, а регистрирани се 89 нови случаи на ковид-19, од кои во Скопје 35, Куманово 12, Штип 27, Прилеп 1, Тетово 7, Гостивар 1, Струмица 1, Кочани 4 и Свети Николе 1. Во ГОБ „8 Септември“ починаа 6 лица, двајца од Скопје на возраст од 83 и 80 години, двајца од Куманово на возраст од 73 и 66 години, еден пациент од Струга на 44 години и еден од Тетово на 65 години. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина еден пациент од Тетово, 54 години“, информираше МЗ.
Досега во земјата се направени вкупно 30.302 тестирања на ковид -19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 312 теста се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи. Тестирањата се направени преку Центрите за јавно здравје Прилеп и Скопје, а регистрирани се 3 позитивни случаи во геронтолошка установа во Скопје.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2315, бројката на оздравени пациенти е 1569, на починати е 140, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 606.