Докази не видовме, тврди адвокатот на Боки-13

Архивска фотографија - Бојан Јовановски во судница за „Рекет“, 7 мај 2020 година

Докази не видовме, само снимка од пет секунди на која се гледаат банкноти од по 50 евра и обвинет кој носи торба лесна како перо, рече денеска адвокатот Саша Дукоски, адвокат на Бојан Јовановски - Боки 13, во завршните зборови на одбраната, на денешното рочиште за „Рекет“.

Според него, Јовановски се гони за перење пари, дело за кое обвинителството прикажува докази од 2017 година, а се обвинува за дело кое било сторено во 2018.

„Се криеа докази, не ни се даваа на увид оти така сакал некој, брутално се кршеше законот. На снимките не видовме никаде дека Боки ги примил парите, а торбата во која наводно имало милион евра во банкноти од 50 евра, таа, според спецификациите на Европската банка, истите би требало да тежат најмалку 19 килограми, а торбата Кичеец ја носи како перце. Од друга страна, Камчев е таков човек што сигурно би ги обележал парите, а секако би имал и снимка на која се гледа дека Боки ги зема парите, па очигледно дека е фингирана снимка“, рече Дуковски.

Во „Рекет“ се обвинети шоуменот и неформален сопственик на 1ТВ Бојан Јованоски - Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.