Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, денеска соопшти дека е позитивна на Ковид-19, а директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, дека е во самоизолација, поради тоа што биле во контакт со пратеникот од СДСМ, Мухамет Зекири, за кој вчера беше потврдено дека е корона-позитивен.
„После веста која ја објави другарот Мухамед Зекири, а поради работните состаноци кои ги имавме заедно, направив тест за Ковид-19 и резултатот е позитиве. Немам никакви симптоми и веќе сум во домашна самоизолација. Не можам да бидам сигурна на каков начин сум го добила вирусот, но сите контакти кои ги имав последниве денови беа со целосно почитување на мерките за заштита, со маска, на дистанца и со редовна дезинфекција. Ќе ги следам насоките на епидемилозите во целост и очекувам повеќе информации од нивна страна, согласно анкетата која треба да ми биде направена“, објави директорката на УЈП, Сања Лукаревска на својот фејсбук профил.
И директорот на финансиската полиција соопшти преку неговиот официјален фејсбук профил.
„Би сакал да ве информирам дека деновиве имав средба со г.Мухамет Зекири пред да излезе позитив на тестирањето на Ковид 19. Од тие причини истиот ден одлучив да се самоизолирам согласно сите протоколи препорачани од надлежните институции“, напиша Муареми.
Дека се во самоизолација утрово објавија и вицепремиерката Мила Царовска, министерот Дамјан Манчевски, советникот во Владата, Марјан Забрчанец и градоначалникот на чаир, Висар Ганиу.