Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, до Основното јавно обвинителство доставил поднесок со кој бара да се спроведе истрага во Агенцијата за национална безбедност дали е целосно елиминирана техничката можност од евентуален увид во кривичните истраги кои се спроведуваат од страна на Министерството за внатрешни работи.
- Чулев: АНБ незаконски се уште може технички да прислушува
- АНБ ги демантира тврдењата на Чулев за можно незаконско прислушување
„Во насока на целосно информирање и запознавање на граѓаните ја информирам јавноста дека денес до Основното јавно обвинителство доставив соодветен поднесок кој се однесува на случајот кој го обелоденивме вчера каде е утврдено кршење на законите, каде што поранешната УБК, денешна АНБ, се уште ја има задржано посредничката улога во системот за следење на комуникации, односно сеуште не е целосно елиминирана техничката можност од евентуален увид во кривичните истраги кои се спроведуваат од страна на МВР“, напиша Чулев на „Фејсбук“.
Чулев вчера ја обвини Агенција за национална безбедност, односно поранешната УБК, дека ја задржала техничката можност за следење на комуникациите, што според него е прекршување на законите и препораките на Прибе.
Од АНБ веднаш демантираа дека не располагаат ниту со опрема за прислушување, ниту со медијациски уреди за активирање и дека обвинувањата на Чулев „се тенденциозни“.