Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи, изјави министерот за образование, Арбер Адеми на прашање како ќе се постапи доколку во септември има нов бран на коронавирусот со исти или полоши услови.
Тој во интервју за МИА вели дека учебната 2019/2020 година ќе заврши со онлајн-настава согласно со одлуката на Владата учениците да не се враќаат во клупите до 10 јуни и дека е задоволен од преземените мерки и од нивниот ефект.
За претстојните испити во јунската сесија, Адеми вели дека ги оставаат универзитетите сами да оценат и изберат дали на нивните факултети има услови за организирање испити со физичко присуство на студентите, притоа доследно да ги почитуваат препораките за заштита на јавното здравје. Информираше и дека деновиве на владините седници ќе се разгледува Предлог-одлуката за уписите за високо образование, треба да се прецизира уредбата за доделување ваучери за ученици и студенти од третиот пакет мерки од КОВИД-програмата на Владата (Уредбата за платежната картичка беше усвоена завчера), а за претстојните уписи во средните училишта рече дека ќе нема одложување на роковите утврдени во Конкурсот, но дека за спроведувањето на уписите се подготвени протоколи со мерки за заштита, исто како и протоколи за испитите што ќе се организираат на високообразовните установи.