Приведени премиерот на БиХ и уште две лица поради аферата со респиратори

Фадил Новалиќ

Претседателот на Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина, Фадил Новалиќ, директорот на управата за Цивилна заштита Фахрудин Солак и сопственикот на фирмата „Сребрена малина“ Фикрет Хоџиќ синоќа биле приведени на испитување во седиштето на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) во рамките на истрагата за аферата респиратори. Тие и претходно дадоа изјава пред истражителите откако случајот го презеде Обвинителството на БиХ. Во средата полицијата му го одзеде телефонот на Новалиќ за вештачење, при што треба да се утврди со кого тој контактирал за набавката на респираторите.

Обвинителство на БиХ: Од Кина набавени 100 неупотребливи респиратори

Спорните респиратори се набавени од Кина за 5,3 милиони евра, но се неупотребливи на одделенијата за интензивна нега, а истрагата треба да утврди како „Сребрена малина“ можела да увезе респиратори, кога е регистрирана како фирма за преработка и одгледување на овошје и зеленчук.