Претседателот на Иран Хасан Рохани денеска побара од владата да го забрза воведувањето на построги казни за „убиствата од чест“. Јавноста во Иран е шокирана од тоа што татко ја уби својата 14-годишна ќерка, зашто побегнала со нејзиниот 34-годишен љубовник, но полицијата ја нашла и ја вратила дома, иако рекла дека се плаши од татко ѝ. Таткото е притворен и се соочува со 10 години затвор.
Предлозите за заострување на казните за таквите дела со години се префрлаат од едно на друго надлежно тело, анализира новинската агенција Асошиејтед прес и наведува дека тамошните медиуми повремено известуваат за „убиствата од чест“, но дека сепак малку се знае за тоа. Затоа не е познато колку жени и девојчиња се жртви на убиство од своите роднини поради кршење на конзервативните исламски норми за љубовта и бракот.
Според закон, Иранките може да се мажат кога ќе навршат 13 години, а во просек стапуваат во брак на 23 години.