Македонската влада ја издаде седмата еврообврзница во износ од 700 милиони евра. Рочноста на еврообврзницата е шест години, додека каматната стапка по која е издадена изнесува 3,675 проценти. Министерството за финансии соопшти дека ова е втора најниска камата, веднаш по еврообврзницата издадена во 2018 година. Според нив, тоа ја покажува довербата на инвеститорите во македонската економија и политики, ако се земе предвид дека оваа обврзница се издава во време на пандемија на коронавирус, што е најголемата економска криза по Големата депресија, кога сите економии, вклучително и светските економски сили, излегуваат на меѓународниот пазар на капитал за да обезбедат средства за финансирање на потребите за кризата.
Интересот бил пет пати поголем од износот кој беше издаден, соопшти Министерството.
Со издавањето на еврообврзницата и заемот од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 176 милиони евра и заемите од Светска банка во износ од 140 милиони евра и од Европската унија од 160 милиони евра кои се преговараат и се извесни, се затвора финансиската конструкција за потребите годинава, односно дефицитот проектиран на 6,8 проценти од БДП со ребаланс. Со тие пари ќе се вратат и стари долгови од 705 милиони евра и ќе се обезбедат пари за справување со евенутален повторен шок.
Земјава на меѓународниот пазар на капитал има излезено седумпати досега, вклучувајќи ја и денешната издадена еврообврзница. Првата еврообврзница е издадена во 2005 година, потоа 2009, 2014, 2015, 2016, 2018 и сега во 2020 година.