ДКСК ќе бара вонреден надзор на постапката за избор на ректор на УКИМ

Актуелниот ректор на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски

Антикорупциската комисија ќе упати барање до Државниот просветен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор за примената на Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во однос на постапката за избор на ректор на УКИМ, за избор на претседател на Сенатот и да преземе мерки согласно своите надлежности.

Антикорупциската постапи по пријава во врска со функционирањето на Сенатот на УКИМ и најавата за отпочнување на постапка за избор на ректор на универзитетот и спроведе проверка на постапувањата на ректорот Никола Јанкуловски во однос на усогласеноста со Законот за високо образование и со Статутот на УКИМ, како и од аспект на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси дали овие активности тој ги води во ситуација што може да се оквалификува како состојба на судир на интереси, соопшти Антикорупциската комисија.

Според пријавата до Антикорупциската, има три околности кои може да доведат до заклучок дека постои судир на интереси – ректорот постапувајќи од позиција на претседавач на Сенатот на УКИМ, презема активности за формирање Универзитетска изборна комисија за избор на ректор, со што доколку се јави како кандидат за нов мандат за ректор директно се доведува во состојба на фактички судир на интереси.