„Одлуката на Еди Рама за отворање на границите само за дел од граѓаните кои се со албанско потекло е уште еден шамар за владата на Спасовски и Заев и огромен неуспех за умислениот прв човек на дипломатијата Димитров,“ реагираа денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Нивната реакција следува откако денеска албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија ќе ги отвори границите за сите Албанци кои живеат во соседните земји, а кои имаат државјанство на тие земји – Србија, Северна Македонија и Црна Гора.
„За само неколку месеци неспособната владата на Заев влезе во нетрпеливост и создава проблеми со сите соседи. Освен договорот со Грција, се случи блокада на интеграциите од Бугарија, Пендаровски доби врел шамар од Белград поради мешањето во внатрешните работи и преговори помеѓу Приштина и Белград, а еве сега нов пораз и од Албанија. Оттука ја прашуваме некадарната дипломатија на Димитров и неспособната влада на Заев на кој начин реагираа на одлуката на Албанија, превземаа ли нешто или и овој пат ќе си премолчат за овој нов пораз?,“ се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Рама денеска изјави дека на хотелите во таа земја ќе им биде дозволено да ги отворат своите плажи на 1 јуни, додека јавните плажи ќе бидат отворени десетина дена подоцна.