Најбезбедното однесување кое секој индивидуалец може да го направи за време на пандемијата со Ковид-19 е да се однесува како и во изминатите два месеци – да остане дома за да избегне можност од заболување или ширење на вирусот додека не биде откриен ефективен третман или вакцина.
Но со укинување на рестрикциите експертите, епидемиолозите и лидерите во светот се пред предизвикот како безбедно да се врати животот во нормала.
Сите сакаат повторно да одат на работа, да седнат во ресторан, да гледаат спортски натпревар, децата да одат во училиште, но и да ги видат своите најблиски.
Не можеме да чекаме се да биде совршено пред да почнеме со враќање во нормала, но затоа можеме да се подготвиме за од фазата остани дома да стигнеме до фазата остани безбедно по завршување на карантинот, велат епидемиолозите.
Видете и ова: Што се треба да знаете за ковид-19?„Има една поларизација помеѓу двете спротивставени опции на остани дома до неопределено време наспроти враќањето во нормала. Идејата за намалување на опасноста ни помага да размислуваме за ризикот како постојан и продолжен и за тоа како да најдеме заеднички именител за овие две опции“, вели Џулија Маркус епидемиолог од Харвард, пренесува Вокс.
И до сега епидемиолозите и стручните лица апелираа како безбедно да се однесуваме за време на пандемијата – да миеме раце, да избегнуваме допирање на лицето и да одржуваме потребно растојание. За понатамошна заштита од заболување или ширење на вирусот по укинување на мерките, експертите имаат прагматични препораки.
„Тие се одраз на фактот дека вирусот ќе остане меѓу нас подолго време додека не се открие вакцина. Луѓето ќе најдат начин како да живеат со него. Тие начини ќе бидат различни за секој човек, според нивната проценка за ризикот по нив“, смета Амеш Адаја, истражувач од Центарот за безбедност на здравјето при Џонс Хопкинс универзитетот.
Затоа, многу е важно истовремено луѓето да бидат и многу информирани за кои се ризиците и како да се минимизираат, додава тој.
Останете на отворено
Експертите постојано повторуваат - ако не можете да седите дома, барем седете на отворено.
Коронавирусот се пренесува преку воздушни капки и капки кои се задржуваат на површини кои луѓето ги допираат и на тој начин вирусот останува на нивните раце. Надвор, можноста за пренесување е помала.
Прво, бидејќи на отворено е многу потешко капките да стигнат од еден до друг човек.
Второ, многу е полесно да се одржува растојанието на отворено.
Трето, постојат, иако ограничени, докази дека сончевото, топло и влажно време ја намалува можноста за ширење на вирусот. Сепак, топлото време не значи и убивање на вирусот како што се потврди во Еквадор, Сингапур и други земји каде времето е потопло.
Па така ако сакате да се видите со пријателите договорете се тоа да биде на отворено и во помали групи. Ако сакате да одите во ресторан, седнете на терасата. Ако сакате да вежбате наместо одење во затворена сала за тренинг, почнете да трчате.
Одржувајте добри хигиенски навики
Милиони пати слушнавме дека треба често да ги миеме рацете и да избегнуваме да си го допираме лицето. Но тоа е уште поважно за оние кои често се надвор од својот дом.
Има многу насоки за како да научиме да избегнуваме допирање на лицето. Тие можат да бидат и многу непријатни и да не делуваат поради строгите навики на луѓето, но се клучни бидејќи коронавирусот се шири преку фаќање на површини на кои вирусот се задржал и потоа преку допирање на очите, устата и носот го пренесуваме на нас.
Миењето раце некогаш изгледа невозможно секогаш кога сме надвор, но затоа се препорачуваат и средствата за дезинфекција кои содржат алкохол и се сметаат за корисни за намалување на рикот од пренесување на вирусот.
Носете маска
Постојат многу различни пораки за тоа колку носењето маска може да заштити и каква треба да биде маската за да може да овозможи заштита од Ковид-19.
Точно е дека истражувањата поврзани со маските не се најбројни или најдобри но сепак нудат и докази – се додека луѓето ги носат и употребуваат на правилен начин тие имаат ефект во намалување на пренесување на болеста.
Видете и ова: Нов живот под маски и на дистанцаНекои експерти велат дека носењето маски одиграло голема улога во запирањето на ширењето на Ковид-19 во Јужна Кореа и во Јапонија каде што нивната употреба беше широко распространета.
Маските не се начин за заборавање на претходниот совет, а тоа е одржување на хигиена. Тоа значи да се фрлат веднаш маските кои се за еднократна употреба и да се измијат оние за повеќе употреби. И најважно, покрај избегнување на допирање на лицето обидете се што помалку да ја допирате и маската.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Избегнувајте гужви
Тоа е ризикот на близок и продолжен контакт. Човек кој со трчање поминува покрај вас за една секунда нема да ви го пренесе вирусот. Но доколку сте на помало растојание од 2 метри за подолго време, особено неколку часа, тоа може да биде опасно.
„Тоа се двете варијабли за кои најмногу треба да се грижиме а тоа е одржувањето на растојание со лице кое може да биде болно и времето поминато со него“, вели Кристал Ватсон, истражувач во Центарот за безбедност на здравјето на Џонс Хопкинс универзитетот.
Тоа важи доколку сме на отворено. Иако седењето на отворено е многу помалку опасно од седењето на затворено треба да избегнуваме паркови или места со многу луѓе. Луѓе кои не живеат заедно едноставно не треба да се собираат во големи групи без разлика дали тоа се однесува за внатре или за надвор.
Избегнувањето на места каде што има гужви ќе ве заштити вас, но и другите кои мора да бидат на такви места. Таков е случајот на пример со употребата на јавниот превоз. Доколку можете одете со велосипед или пешачете со цел да не се загрозуваат луѓето кои мора да го користат јавниот превоз.
Избегнувајте допирање на површини
Бидејќи еден од начините на заразување е преку допир на површини на кои се задржува вирусот, најдобар начин за заштита е да избегнувате да допирате површини кои ги допирале многу луѓе.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тоа се однесува и доколку сте на отворено. Такви површни се клацкалки, лизгалки, клупи. Тоа не значи дека не треба да сенете, но доколку сте во можност пребришете ја клупата пред да го направите тоа. Доколку живеете во зграда или користите јавен превоз обидете се да допирате што помалку површини.
Планирајте добро сè што правите надвор од вашиот дом
Кога излегувате од дома за да одите на работа или за да одите во продавница или едноставно поради тоа што не можете повеќе да седите дома направете план колку често и во кои размери ќе го правите тоа.
Доколку одите во набавка на намирниници направете список што сè ви е потребно и што сè можете да купите одеднаш со цел да избегнете често одење во продавница.
Ова се однесува и на гледање со пријатели. Доколку сте се сретнале со некои пријатели неодамна, најдобро е да направите пауза од неколку денови пред да се сретнете со друга група на пријатели. Две недели би било идеално време бидејќи тоа е поклопува со периодот на инкубација на коронавирусот.
Направете „затворен круг“ со одредени пријатели и семејството
Ова е особено важно за лицата кои живеат сами и кои може да се многу осамени во изминатиот период. „Затворен круг“ значи да одберете пријател или член од семејството со кој ќе се гледате често но кој исто така нема контакти со многу луѓе.
Сепак некои експерти се спротивставуваат и на затворен круг пријатели бидејќи не сите луѓе се придржуваат до договорот целосно и тој круг може да донесе само лажно чувство на безбедност.
Има луѓе кои покрај состаноци на Скајп, Зум и преку другите платформи за комуникација сакаат да се дружат со луѓе во живо.
„Овие луѓе страдаат во изолација. Со цел да не се продолжи оваа состојба со месеци или со години, мора да најдеме начин како да се комуницираме, а да го сведеме ризикот на минимум, и да им овозможиме на луѓето да си го живеат животот“, вели епидемиологот Маркус.
За да се намалат евентуалните ризиците од непочитување или недоверба на затворениот круг следете ги советите наведени погоре среќавајте се на отворено, носете маски, одржувајте хигиена и растојание.
Доколку сте во ризична група, бидете уште повнимателни
Постарите, хронично болните, луѓето кои имаат астма, дијабетес, прекумерна тежина се групи кои имаат поголем ризик од компликации од Ковид-19.
Експертите препорачуваат овие групи да ги следат препораките но да бидат уште попретпазливи и од тоа. Тоа значи уште почесто миење на рацете, одржување на поголемо растојание од 2 метри, излегување од дома еднаш неделно и така натака.
„Но луѓето ќе преземат ризик и покрај препораките. Затоа најдобро што можеме да направиме е да им понудиме стратегија за да го намалиме ризикот за нив во ваквите ситуации. Доколку не го направиме тоа пропуштаме шанса да ги заштитиме“, вели епидемиологот Маркус.