„Не е крајот што го очекувавме“- разочарано вели еден од матурантите на гимназијата „Орце Николов“ со кои разговараше РСЕ. Месецов требаше да ја имаат матурската прослава која потоа се памети цел живот, но е одложена поради пандемијата од коронавирусот. Ниту ќе имаат прослава, ниту ќе полагаат државна матура. Стојан Хаџи Димитров постирал: „Новава реалност ќе нѐ научи на многу нешта“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Инаку, за изминатово деноноќие уште нема податоци, но предминатото изнедри 37 нови заразени од Ковид-19, но немало починати пациенти. А нашиов народ се чини уште не ја сфаќа сериозноста на новата болест. Гуга Сејфула напишал: „Не можам да разберам ниту да верувам, одеднаш 37 новозаразени кога сме внатре три месеци. Не ми се верува што се случува во Македонија“. Шани Кадрији, пак, веројатно алудирајќи на отворените џамии за Рамазан Бајрам му одговара: „Сега за 7 до 10 дена ќе видиш“. Драги Арабаџиев со теориите за заговор: „Окупација на светската цивилизација во 24 слики. Тоа не го велам јас, туку светски лидери во медицината дека е изрежирано и напумпано со максимум паника“.
Речиси исто толку мачно звучат препирките и пазарењата меѓу двете најголеми партии на тема „да има или да нема избори на 21 јуни“. Нашето редовно неделно ТВ интервју е со генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев кое држи рекорд со коментарите и постовите на нашата ФБ страница. „За велешкиот фраер плус 20 бода за кинески дизајн“, иронизира во коментарот Фиданчо Петров па додава: „А да го прашавте до каде му е постапката за кинеските автобуси, пошто нели е добар со законите...“ Горан Петрушевски, кој истиот пост го повторува по секој негативен коментар за Јанушев, предвидува: „Ма готови се, не ги бива лопуже тешки невидени. Било кога да се одржат изборите, СДС северџани лопуже ќе изгубат. Ако се одржат сега ВМРО победува со 55 пратеници, а ако се одржат во август, септември, ВМРО ќе добие над 60 пратеници“. Марија Петрова го фаќа Јанушев во лага:
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Пази му муабет. Заев со ултиматум за еден датум, а сите знаеме дека досега СЕ ПРЕДЛОЖЕНИ најмалку три датуми од страна на СДСМ – 14 јуни, 21 јуни и 28 јуни... и сега следи прашањето: како не му е срам на Јанушев да лаже“. Бобан Јакимовски, кој според профилот живее во Америка, прашува што направиле, како што напишал, „овие мафијаши според закон... сѐ уништија...“, а Ѓорѓе Јанев го прашува: „Жити сѐ, што ти уништија тебе во Лос Анџелес????“ Марија Петрова прашува: „Од кај му пари да си купи кола на струја, скапо хибридно возило, дали го прашаа“. Стојанче Станоевски вели: „Вмровци плачковци... една година бараат избори и кога ги добија, не сакаат избори. Одиме на избори и без вас“.
Прегледов го завршуваме со едeн историски подвиг на нашите кардиохирурзи: за прв пат во Македонија е направена трансплантација на срце од починат донор, а коментарите се сведуваат на едно: „Респект, секоја чест“ - како што постирале Фатон Бошњак, Ацко Стојановски, Афан Адеми, Агапи Чункоска... и уште многу други. Јорданка Стрезоска-Бушеска напишала: „Емилија (донорот) нека најде МИР БОЖЈИ, а на пациентите ДОЛГ ЖИВОТ И УБАВО ЗДРАВЈЕ“.