Заев: Изборите не се проблем, тие се решение

Потребно е одговорно е да се најде решение за изборите да се одржат пред почетокот на летото, најмногу заради здравјето на луѓето, изјави денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев. Тој по денешната средба со кандидатите за пратеници од изборната единица 4 од партијата, истакна дека неговата порака е „изборите се решение, а не проблем“.

Заев смета дека изборите се потребни да се обезбедат целосно функционални институции, кои ќе го штитат здравјето на граѓаните и кои ќе обезбедат целосен рестарт на македонската економија. Според него тоа е главната причина зошто изборите треба да се одржат во првиот можен термин, согласно законските можности и според состојбата со епидемијата.

„Северна Македонија мора подготвено и со сто проценти капацитет на инстутициите да го дочека септември. Да бидеме целосно подготвени за уште поефикасно справување со последиците од досегашниот тек на пандемијата и со очекуваниот нов бран на вирусот,“ изјави Заев.

Тој додаде дека СДСМ сака избори на кои ќе учествува опозицијата.

„Заврши времето кога опозицијата, во тоа време СДСМ, дознаваше од телевизија кога ќе се одржат изборите. Се разбира, доколку ВМРО ДПМНЕ одлучи да го кочи овој неопходен демократски процес, ние нема да имаме избор, освен да ги почитуваме законските рокови за изборниот процес,“ изјави Заев.