Српските власти соопштија дека музичкиот фестивал Егзит ќе се одржи кон крајот на август бидејќи тогаш, според нивните очекувања, епидемијата со коронавирусот ќе биде ставена под контрола.
На фестивалот, кој првично беше закажан за средината на јули, како што јавува агенцијата АФП, требаа да настапат меѓудругите и Дејвид Гета, Тига и Фетбој слим.
Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска рече дека фестивалот во Нови Сад, на кој минатата година присуствуваа околу 200 000 луѓе, најдобро е да се одржи во август. Организаторите, пак, ги поздравија „одличните вести“ и наведоа дека може да има измени во форматот на фестивалот чии конкретни датуми за одржување се уште се непознати. Во соопштението тие наведуваат дека се спремни да го ограничат бројот на посетители на локална и регионална публика.
Инаку, фестивалот се одржува веќе 20 години, а произлезе од студентското движење против поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ кој беше урнат од власт по масовните протести во 2000-та година.