РКЕ: Поднесете претставка ако сметката за струја ви е поголема од потрошеното

Илустрација

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ги информира граѓаните чии сметки за електрична енергија не соодветствуваат со реалната потрошувачка, и не се корегирани од ЕВН, дека можат да поднесат претставка до ова тело кое има надлежност да постапува во вакви случаи.

„Граѓаните можат самостојно да извршат отчитување на броилото на електрична енергија и состојбата да ја пријават соодветно преку интернет платформата на ЕВН. Доколку добиената сметката отстапува од реалната состојба што ја прикажува броилото, компанијата е должна да изврши корекција на месечната сметка за потрошена електрична енергија. Во случај да не бидат корегирани податоците и сметката отстапува од реалната потрошувачката на електрична енергија во висока и ниска тарифа, потрошувачите можат да се обратат до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги која ќе посредува со цел да добијат сметка во која ќе биде фактурирана потрошената електрична енергија“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија.