Две сценарија за загубите во туризмот поради пандемијата

Илустрација - Затворени угостителски објекти во Скопје

До периодот август-септември масовно е откажувањето на аранжманите, а има и драстичен пад на бројот туристи кои се очекуваат од странство. На повеќето компании од туризмот и угостителството ќе им требаат најмалку шест месеци до една година да се опорават ако епидемијата со коронавирусот заврши до крајот на 2020-та, покажува најновата студија за ефектите од КОВИД-19 во која беа вклучени Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.

Како што беше речено на денешната презентација на студијата, за секторот туризам и угостителство следува долг и многу тежок процес, а можни се две сценарија. Според првото, ако кризата заврши до крајот на оваа година, зависно од ефектот на економнските мерки што ќе бидат преземени, отпуштени би биле од работа 2.000 – 12.000 лица, падот на приливот од туризмот ќе биде преку 200 милиони долари или над 50 отсто од планираните проекции, а опоравувањето (што подразбира враќање на нивото од 2019 година) би било во 2023 година. Според второто сценарио, пак, ако кризата трае и по 2020 година, ќе згаснат 4.000 – 20.000 работни места, падот на приливот ќе биде преку 80 отсто, а опоравувањето може да се очекува во 2027 година.