5Џ - пролетна дискографска провокација на ПМГЏЕЗ

Со пет албумски објави во последниве пет недели, издавачката куќа ПМГЏЕЗ не само што креира свежа, вибрантна слика за домашната импровизирана музика, туку по нецели две години од постоењето, се наметнува како релевантен и не само регионален фактор во современата музика.

Навистина е потребна убава доза на храброст и уште поголема на лудило во време на светска пандемија, човек, група истомисленици, музичари, промотери... со несмалена жестина да се бават со креирање на културни добра и така да и пркосат на реалноста. На ситуацијата која со еден потег ги затвори каналите за нормална комуникација со публиката и генерално ја наметна апатијата како условен („нов“) стил на поведение.

А, сето тоа како квалитет сам по себе на виделина го извадија луѓето, „лудаците“ и едновремено креативците, собрани околу издавачката куќа ПМГЏЕЗ, кои имаа „железни топки“ инаетливо да ја крепат идејата дека развојот на нивната заложба за современ македонски џез или уште подобро македонска импровизирана музика не смее да биде запрен и во една вакви услови кои оставаат вентил само за онлајн комуникација. Нешто што не е од „вчера“ и со кое компакт-диск форматот барем за сега беше пратен во историјата, за да оттаму уследи стримингот и симнувањето, и особено проветрувањето на винилот како привилегија или потреба од поинакво документирање на звуковноста.

Токму тие, по некаков ред...Мирко Попов со дружината од ПМГ рекордингс, Владан Дробицки – тромбонистот и гласноговорникот на СЕТСТАТ, Дени Омерагиќ од СВЕТЛОСТ и музичар чие име може да го сретнете во уште неколку значајни формации...со пријателите и музичките соработници, решија засилено да ја продолжат серијата од осум изданија и само за пет недели ( секој петок) да промовираат исто толку нови домашни албуми кои беа поставени на страницата pmgjazz.bandcamp.com. Девизата им беше, како што велат, дека „нашата земја е преполна со музички таленти и луѓе со сјајни идеи, само е потребно некој тоа да го регистрира и изнесе на виделина“. Така едноподруго со иницијативата 5Џ се редеа ЈОРДАН КОСТОВ КВИНТЕТ - „Plush Pig“, СВЕТЛОСТ - „Six Years“, СЕТСТАТ и Мирко Попов - Live („Доцен час“), SD4 – албумот на еден од врвните македонски басисти Љупчо Стоисављевиќ – Кучкар (БАСТИОН, ПАРАМЕЦИУМ...), и бендот COBALT CODE UNIT со „Rural“.

Сево ова, со осумте претходни објави на кои е забележана исклучително возбудлива, разнолика, енергетски моќна и свирачки супериорна и модерна понуда, ( па ако милувате дури слегувајќи и подолу до одличниот „Се плашам од Македонци“ од 2015 година на СЕТСТАТ, Мирко Попов и Никола Коџабашија сок кој несомнено беше иницирана потребата за исчекор, со концертните промоции ( историската на СВЕТЛОСТ – ОДРОН РИТУАЛ ОРКЕСТАР во кино „Фросина“, онаа на „Jazz (to the working class)“ во скопскиот клуб Котур, интимистички не помалку возбудливата на Јордан Костов со членовите на СВЕТЛОСТ во Галеријата на МКЦ...), сеопштата присутност и невиден за нашиве простори „пословичниот“ поттик за работа, доаѓаме до она што со право може да биде именувано како „нов бран во современата македонска импровизирана музика“ чиј генератор е „младата“ ПМГЏЕЗ.

- Нема ни две години како ПМГЏЕЗ се појави како специјализирана дискографска куќа која се занимава, која го има фокусот на современата македонска џез музика. Голема среќа е тоа што кога ќе речеш „современата македонска џез музика“ тоа подразбира дека имаме едно неверојатно широко поле, широка лепеза на разно разни музики, и голема слобода во рамките на таа џез музика буквално да правиме што сакаме. И мислам дека тоа е уште една битна димензија во одговор на прашањето зошто ПМГ Рикордингс се бави со ова и ја има ПМГЏЕЗ. И, на крајот на денот има фантастични талентирани млади музичари во Македонија кои едноставно чекаат да бидат откриени. Сите тие работи плус мојот личен интерес за различни музики, посебно за џез кој некогаш ми беше споредна работа за да со време се инфицирам и навлезам колку што можам во него, ја извадија на површина ПМГЏЕЗ која веќе со задоволство може да констатираме дека има солиден издавачки каталог зад себе, вели Мирко Попов.

Владан Дробицки истакнува дека сите изданија на кои е етикетата на ПМГЏЕЗ, на некаков начин се реперкусија на неговото скоро три децениско искуство започнато со СЕТ (или ако сакате СЕТСТАТ) и широкиот круг на колеги и соработници од времето. Како илустрација на ова наведува дека Љупчо Стоисављевиќ Кучкар, на пример, е првиот музичар со кој тој работел на нешто што излегува надвор од рамките на „школската класична музика“. Дополнува дека проблемот кај нас во Македонија со џезот е генерално во менаџментот. Ќе се сними албум...и што потоа. Дека колку што тој знае во земјава до скоро постоеше само една дискографска куќа Скопје џез фестивал рикордс и дека таа од разбирливи причини поинаку функционира. Дека е ориентирана само на издавање на компакт дискови, што според него во денешно време не е доволно. „Се троши многу време, нема ресурси за многу изданија и т.н.“

Ние решивме да работиме поинаку. Покрај такви изданија, правиме и дигитални изданија. Во моментов, поради ситуацијава, фокусот ни е на дигиталното издаваштво и се покажува дека сега за сега тоа е сосема во ред. Најверојатно и публиката комплетно се врти кон други медиуми. Се помалку и помалку во светот, па и кај нас се купуваат це-деа ...главно луѓето стримуваат или ја даунлодираат музиката и ја ставаат на хард-диск, а оние кои имаат можности, имаат финансии, им се вратија на плочите, односно на винилите. Тоа е веројатно и она следното што би се обиделе да го направиме, ќе рече Дробицки.

Дени Омерагиќ, пак, со појаснување дека овој серијал на албуми што го потпишале како 5Џ всушност е серијал од остварувања кои и онака било планирано, барем повеќето од нив, да се објавуваат во догледно време меѓутоа дека новонастанатата ситуација едноставно прекинала добар дел од нормалните процеси.

- Наместо да имаме Фестивал кој требаше да се одржува на крајот на април решивме на овој начин да пренесеме дел од музиката така да пет албуми во пет недели беше еден добар оптимум мислејќи дека ситуацијата ќе се стабилизира за тоа време. Инаку, првичната идеја дојде од Мирко Попов и од Владан Дробицки и сите заедно ја форматиравме како треба да изгледа. Мислам дека ова е успешен проект со кој не само што ја зголемивме македонската дискографија, или џез дискографија, за пет нови изданија го зголемивме и бројот на ПМГЏЕЗ од осум на 13 што е една солидна бројка за млада и зелена дискографска куќа, смета Омерагиќ.

Тој и со експликација дека џезот е широк поим кој не само што ги опфаќа она што традиционално е гледано како џез, туку и целата онаа импровизирачка и импровизирана музика која се создава во контекст на џезот. Особено во оној современиот од последните 50 години. Дека тоа е многу добро илустрирано и со овие пет изданија. Почнувајќи од албумот на квинтетот на уникатниот хармоникаш Јордан Костов за кој вели дека звучи 180 степени поразлично од оној на SD4 каде е забележан еден помодерен џез со фанк примеси, потем звукот на неговиот бенд СВЕТЛОСТ каде покрај џезот има доста влијанија на панк музиката... и така наназад до деби изданието на ПМГЏЕЗ – „In C“, тој возбудлив спој на ФАЈТИНГ ВИНДМИЛС и СЕТСТАТ во минималистичката композиција во современа класичен стил во случајов за поголем оркестар на композиторот Тери Рајли... Конечно, според него ПМГЏЕЗ е „прв концентриран обид за специјализирана дискографска куќа која ќе се бави со издавање и промовирање на авторски производи што малку фалеше во последниот период кај нас“.