Полицискиот час за претстојниот викенд кој е продолжен со два празника, според предлогот на Комисијата за заразни болести треба да почне в сабота во 19 часот и да заврши во 5 часот во вторник. Овој предлог Комисијата го достави вчера до Владата. Причината, според министерот за здравство Венко Филипче, се должи на непочитувањето на мерките од страна на одредени граѓани, а зголемениот број новозаразени со Ковид-19 е поради настаните и семејните собири што се случувале изминатите денови. Надлежните сметаат дека со ваква ригорозна мерка ќе се постигне вистински ефект.
Рестораните ќе се отворат во вторник, ако така реши Комисијата
Министерот Филипче посочи дека сите други ослободувања од рестрикциите, што беа најавени за крајот на оваа недела, ги оставиле за почетокот на следната недела. По викендот, од вторник, Владата ќе одлучува за функционирањето на угостителските објекти и евентуално скратување на полицискиот час. Со новорегистрираните 19, вкупниот број на активни случаи заразени со коронавирус во земјава изнесува 381. Вчера се регистрирани 16 оздравени пациенти, а починати се четири лица.