Колева: „Ти, моја, безмилосна една!“ е дијалог со моето второ јас и со другите

„Ти, моја, безмилосна една!“ е насловена втората стихозбирка на Цветанка Колева, што како издание во едицијата „Поеза“ на книгоиздателството ИЛИ-ИЛИ се појави деновиве. Станува збор за ново дело на авторката „чиј поетски глас не наликува на ниту еден друг глас на домашната сцена“.

„Ти, моја, безмилосна една!“ безмилосно го остава читателот без здив и кога е облечена во слободен стих и кога носи куса лирска проза. Напати медитативна, урамнотежена, напати растреперена, исповедна, меланхолична, кревка... напати екстатична, страствена, џиш... напати остра, бурна, безмилосна каква што е во насловот, можеби, вилата за авторката или жената на која така ѝ се обраќа мажот, или поезијата воопшто ‒ секој ќе си допише... Напати грчевита, борбена и драматична ко живеењето... Секогаш полна, содржајна, фигуративно и јазично избрусена. Секогаш посебна, смела, силна и во срц-дијалог и кога ачик го подава в раце срцето и кога прави ребус од него, енигма обвиена во свила.

Ова во своето видување на втората стихозбирка на Цветанка Колева ќе го запише Габриела Стојаноска-Станоеска.

Поетесата Снежана Стојчевска, пак, во рецензијата пишува: Колева е стамено изграден поетски глас, кој не наликува на ниту еден друг глас на поетската сцена, и тоа прави да е вистинско освежување и радост за сладокусците кои се желни да истражуваат и да се радуваат како деца кога ќе пронајдат вакво богатство.

И, конечно поетесата и новинарка Љупка Антеска во своето писание за книгата истакнува: Песните во збирката „Ти, моја, безмилосна една!“ се голтаат во еден здив. Тоа е поезија што те фаќа и не те пушта (или ја фаќаш и не ја пушташ), а сепак поезија што треба и мора да се разбере и доживува инстинктивно. Стиховите се толку непосредни, што при читање се добива впечаток на едно лежерно муабетење со авторот, без исклучок на темите. Во нив има толку многу мудрости, познати или новооткриени, сеедно, потенцирани на мајсторски начин.

И, по ваквите убави зборови авторката Цветанка Колева во предговорот на книгата со информација дека „Ти, моја, безмилосна една!“ е составена од два циклуса.

Првиот циклус содржи кратки лирски нарации и стихови, а вториот, вински стихови. Циклусите немаат имиња. Доколку би имале, тоа е како да ве наведувам каде треба да гледате. Наведувањето, според мене е поопасно од заведувањето.

А, говорејќи за „Ти, моја, безмилосна една!“ поетесата со појаснување дека тоа се творби настанати во текот на осум зими и една пролет, многу превирања во еден човечки живот и дека било крајно време конечно да бидат заокружени. Публикувани.

- Насловот „Ти, моја, безмилосна една!“ е повеќе значен. Со него најнапред си се обраќам себе си. Кон моето второ јас. Кон мојата втора Цветанка со којашто градам соживот од кога се знаеме. Колку јас сум си безмилосна со себе. Истото им го велам и на моите пријателки кои многу си ги сакам...Им велам „Ти, моја, безмилосна една!“...а ова може да го каже мажот на една жена, вели Колева.

Родена 1975 година во Прилеп, Цветанка Колева живее во Кавадарци со сопругот и има два сина.

Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик и работела четири години како професор по македонски јазик на странци волонтери во невладина организација. Дваесет години е активна во пчеларството, а во последните деценија и половина години се занимава исклучиво со органско пчеларeње и органско земјоделско производство.

Првата стихозбирка „Ладно кафе“ ја објави во 2012 година како една од четирите поетеси во едицијата „Русалки“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ од Скопје, а нејзините стихови се објавувани во локални алманаси, во публикации на збирки од конкурси и списанија од областа на културата и пишаниот збор.

За долгата пауза помеѓу двете поетски објави истакнува дека е некој вид нејзин револт поради хиперпродукцијата во литературата.

- Бев заситена од пишувачката хиперпродукција. Од тоа дека секоја година се издава книга. Ме револтираше таквото поведение и како да почнав некаков авторски штрајк. Ама гледам дека претерав. Отпосле видов дека тие осум години се предолг период и сега сметам дека нималку не е потребно да се прават толку долги паузи и наредната книга дефинитивно ќе биде малку побрзо печатена. Едноставно бев недисциплинирана кон сопствената потреба да седнам и да го напишам ова дело затоа што создавање на една книга е исцрпувачка работа...дури може да се каже дека е малку потешка од раѓање на едно дете, признава Колева.

Кон ова само уште информацијата дека, покрај другите бројни и не само културни активности (... од 2014 година е претседателка на Здружението на органски производители „Биовита“ од Кавадарци), таа е член на неформалната група ПОЕТСКИ СЛЕМ МАКЕДОНИЈА и учесник на бројни слем натпревари во земјава. За ваквата пасија знае да каже: На сцена ги имам слободните три минути. Ние двајцата сме во отворена врска! И, потем до објаснува.

- Во мојата природа е дека јас никогаш не можам да се задоволам само со едно нешто. Едно-две нешта не ме прават задоволна, добра, среќна...Секогаш ми се потребни неколку работи за да можам да успеам во сите нив. И колку повеќе се зафаќам со ангажмани толку ми е подобро. Таква сум. Не можам да мирувам. Поетеса, слемерка, активистка, пчеларка, мајка, жена...јас сум сето тоа во едно, заклучува Цветанка Колева.