Српскиот владин Кризен штаб за заштита на здравјето на населението од коронавирусот препорача од петок, 22 мај за влез во Србија да нема потреба од негативен тест на коронавирус или посебна дозвола, како за домашните, така и за странските државјани.
На сите лица што влегуваат на територијата на Република Србија ќе им бидат издадени здравствени предупредувања во кои ќе се наведува дека влегуваат на територија каде што сè уште циркулира вирусот, како и начините за спречување на инфекција.
Оваа препорака треба да биде потврдена в четврток, на седницата на српската влада, се наведува во соопштението.
ПЦР тестовите за коронавирусот, на лично барање на граѓаните на Србија и на странските државјани, ќе чинат шест илјади динари (51 евра) на територијата на цела Србија.
Тестирањето за студенти и малолетните лица е сè уште бесплатно, се наведува во соопштението на српската влада.