До 45 отсто од македонските адолесценти имаат здравствено ментални проблеми, почнувајќи од (не)задоволството од животот, преку психосоматските тегоби, како што се главоболки, болки во стомакот, нервоза, избувливост и проблеми со спиењето), па се до долготрајни периоди на нерасположение и дисфункционалност, покажуваат заклучоците за делот на менталното здравје во земјава, опфатен во извештајот „Здравјето и добросостојбата на адолесцентите во фокус“, што денеска го објави Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа.
Во извештајот се забележува дека здравствено менталните проблеми покажуваат пораст со возраста, со сѐ поголеми меѓуродови разлики, за сметка на девојчињата. Според извештајот за Македонија, секое второ девојче (45%) на 15 години чувствувало депресивни симптоми од најмалку две недели континуирано, како и неспособност (34%) во надминување на состојбата.
- Против врсничкото насилство за зачувување на менталното здравје
- Пандемијата предизвик и за менталното здравје
- Сајбербулингот пречка за нормален развој кај учениците
Извештајот е дел од Студија за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (ХБЦС). Опфатени се физичкото здравје, социјалните односи и менталната добросостојба на 227.441 деца на училишна возраст од 11, 13 и 15 години од 45 земји. Од Македонија се вклучени 4.685 ученици од три возрасти и два наставни јазика, македонскиот и албанскиот, со податоци за нивното здравје, навики и постапки.
„Тука особено место заземаат менталното и социјалното здравје, со високи меѓуродови разлики и пораст на психосоматски проблеми, со возраста, особено меѓу девојчињата, како и несоодветната поддршка и слабите капацитети на младите во справување со предизвиците на нивниот развој. Истовремено, тука се и ризичните однесувања (пиењето, опивањето, пушењето и раните сексуални искуства), почесто изразени меѓу момчињата и без тенденција на намалување, со возраста, како ни меѓу последователните истражувачки циклуси“, стои во извештајот.