Трамп во писмото до генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус исто така најавува дека Соединетите држави ќе го преиспитаат своето членство во организацијата.
Трамп, кој се соочува со реизбор оваа година и кој самиот беше критикуван за неговото справување со пандемијата, ја нарече оваа организација „кукла на Кина“.
Соединетите држави досега имаат повеќе од 1,5 милиони од 4,8 милиони потврдени случаи на коронавирус во светот и повеќе од 90.000 смртни случаи.
Обама со критика за справувањето со пандемијата на коронавирусот во САД
Тој ја обвини Кина дека се обидува да ја прикрие епидемијата, a СЗО оти не побарала одговорност од Пекинг.
„Тие се кукли на Кина. Тие ни дадоа многу лоши совети“, рече тој во Белата куќа.
Трамп во минатиот месец ги суспендираше придонесите на САД во СЗО во очекување на проценката за раководењето со оваа организација, откако ја обвини дека промовира кинески „дезинформации“ за коронавирусот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Официјални претставници на СЗО го негираа обвинението, а Кина соопшти дека работела транспарентно и отворено.
Во писмото, кое Трамп го објави на Твитер, се вели дека единствениот пат напред е ако СЗО може да демонстрира независност од Кина.
Во писмото од четири страници Трамп ја обвинува СЗО за игнорирање на веродостојните извештаи дека вирусот се шири во Вухан, Кина во почетокот на декември.
Над 100 држави поддржаа независна истрага за пандемијата
Управниот орган на СЗО на 18 мај се заложи за спроведување на независна проценка за тоа како таа организација успева во меѓународниот одговор на коронавирусот.
До ова дојде на отворањето на првиот годишен состанок на раководното тело на СЗО, откако се појави коронавирусот кој зарази 4,8 милиони и уби повеќе од 318.000 луѓе, ги осакати економиите и принуди милијарди луѓе да останат дома.
Тедрос рече дека ќе иницира независна проценка за тоа како СЗО се справува со кризата во „најбрз соодветен момент“.
Кина смета дека е прерано за истрага за пандемијата
Обраќајќи се на состанокот преку видео-врска, кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Пекинг ќе поддржи истрага за почетоците на коронавирусот само „откако пандемијата ќе биде ставена под контрола“.
Тој вети две милијарди долари за здравствени мерки и развојна помош во текот на следните две години за борба против пандемијата.
Инаку, во САД, многу сојузни држави постепено ги олабавуваат ограничувањата, бидејќи бројката на невработени достигна 36 милиони.
Во Европа, олеснувањата продолжуваат, а постојано се намалува и бројот на инфекции и смртни случаи во големите жаришта, како Италија и Шпанија.
Франција и Германија предложија фонд за ЕУ од 500 милијарди евра
Предложениот план за обнова на коронавирусот од 500 милијарди евра изнесен од Германија и Франција на 18 мај, беше поздравен од Европската централна банка како потребен сигнал на солидарност во време кога економијата е на колена.
Тоа е „сведоштво за духот на солидарноста и одговорноста“, рече шефицата на Европската банка Кристин Лагард.
Германската Канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон предложија создавање фонд за да се олесни ударот на пандемијата врз земји-членки на Европската унија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, чие извршно тело ќе го спроведе планот, веднаш го поздрави „конструктивниот предлог даден од Франција и Германија“.
Таа рече дека „ги признава обемот и големината на економскиот предизвик со кој се соочува Европа“.