ЕУ-министри разговараа за отворање на границите пред летото

Илустрација - плажа во Грција.

Европа сака да ги отвори своите внатрешни граници за туризам пред почетокот на летото, наведе денеска група министри за надворешни работи на држави од Европската унија.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска преку виртуелно се сретна со своите колеги од Шпанија, Италија, Австрија, Грција, Хрватска, Португалија, Малта, Словенија, Кипар и Бугарија, кои разговараа за постепено ублажување на мерките.

„Интерес на Хрватска како туристичка земја е да има туристи, да ги пополни хотелите, но треба да се види на кој начин тоа ќе можеме да го направиме“, порача хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман по состанокот.

Министрите за надворешни работи на овие држави повикуваат „сите претприемачи во секторот туризам да воведат мерки за пртпазливост и заштита на туристите кога ќе се овозможи нивно доаѓање“, рече Грлиќ Радман.

Ограничувањето на патувањата поради болеста Ковид – 19 значително го забави слободното движење во Европа. Сега движењето преку границите ќе биде повторно воспоставено во фази, врз основа на брзината на пренесувањето на коронавирусот.

Во Германија е на сила предупредување за патување ширум светот кое ќе трае до 14 јуни. Мас рече дека ќе се укине тоа предупредување за европските земји и наместо тоа ќе бидат понудени насоки за државите поединечно за ризиците за патниците поврзани со коронавирусот.

„Не можеме за стално да имаме предупредување за патување за целиот свет. Сакаме да се вратиме во нормала чекор по чекор“, рече Мас нагласувајќи дека летните одмори нема да бидат како оние пред пандемијата на коронавирусот.

„Не треба да имаме илузии дека може да дојде до брзо враќање на работите како и обично.“

Италија, која е една од најпогодените земји, ќе ги дочека патниците од шенгенската зона на 3 јуни.

„Подготвени сме со сигурност да ги дочекаме европските државјани кои сакаат да го поминат својот одмор во Италија“, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо за време на состанокот.