Политичките лидери не се договорија за датум за одржување на предвремени парламентарни избори и по денешната втора лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, на која се разговараше за датум за одржување избори.
Видете и ова: Пендаровски: Потребни се уште 14 дена вонредна состојбаПартиите останаа на своите ставови. СДСМ инсистира на избори во најбрз можен рок, односно на 21 јуни, ВМРО-ДПМНЕ вели дека приоритет е здравјето на граѓаните, а избори може да се одржат на крајот на летото. Беса и ДПА се на линија со СДСМ, додека Алијансата за Албанците вели дека избори во јуни не се можни. ДУИ бара консензус.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека сега е вистински момент да се излезе на избори – и од здравствен, и од економски и од демократски аспект. Според Заев, изборите веќе се закажани и ќе се одржат 22 дена од завршувањето на вонредната состојба. Ако вонредната состојба заврши на 30 мај, изборите ќе се одржат на 21 јуни. Според него, избори треба да се одржат сега, зашто наесен може да има нов бран на заразени од коронавирусот. Заев рече дека консензус за избори не е постигнат само поради тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е неодговорен и калкулира поради страв од избори. Заев не одговори на новинарско прашање дали ќе одат на избори во случај ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира.
„Не можам денеска да донесам одлука. Јас можам да го кажам само тоа што е одговорност и чувство на разумност и одговорност пред граѓаните и пред државата и тоа и го соопштив. Допрва ќе носиме одлука дали ќе одиме без опозицијата или не. Сакаме, гледате два пати сме овде“, рече Заев.
Видете и ова: Што доколку лидерите не договорат датум за избори?Мицкоски, пак, рече дека тие ги предлагаат 23 и 30 август и 13 септември како можни датуми, зашто тогаш, здравјето на граѓаните ќе биде најмалку доведено во опасност. Тој го критикуваше протоколот на Комисијата за заразни болести дека бил многу штур, без детали за начинот за одржување на избори. ДИК вели дека избори може за 35 до 50 дена по завршувањето на вонредната состојба, што значи 21 јуни не е возможно, рече Мицкоски. Тој одби директно да одговори на новинарско прашање дали ќе ги бојкотираат изборите ако власта сепак се одлучи да организира избори без да се постигне консензус за датумот.
„Не би сакал да разговарам за нешто што не сакам да се случи. Апсолутно се надевам дека тоа нема да се случи, односно дека нема да имаме едностран акт на насилие од страна на мала група политички лидери“, рече тој.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека се соочуваме со опасен вирус и оти ситуацијата не треба да се политизира. Изборите се битни, но потребен е консензус од партиите, рече тој.
Лидерот на Беса, Биљал Касами рече дека тие предложиле изборите да се одржат во јуни, но за тоа ќе се случи по завршувањето на вонредната состојба. Треба и да се укине полицискиот час, и граѓаните психички да се спремаат за избори.
Видете и ова: Пендаровски: Потребни се уште 14 дена вонредна состојбаЛидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, рече дека ДИК соопштила дека не е во состојба да организира избори за 22 дена по завршувањето на вонредната состојба, а оти никој на лидерската не можел да потврди дека вонредната состојба нема да продолжи по 30 мај.
Од ДПА рекоа дека може да се одржат избори 22 дена по завршувањето на вонредната состојба.
Првата лидерска средба за договарање датум за избори се одржа на 12 мај.
На средбата, организирана од претседателот Стево Пендаровски, присуствуваа лидерите на партиите кои влегоа во Парламентот преку самостојни листи. Присуствуваа лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на ДУИ, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса, Али Ахмети, Зијадин Села, Африм Гаши и Биљал Касами, како и претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Оливер Спасовски. Не присуствуваше лидерот на ДПА, Мендух Тачи, туку на негово место дојде Азем Садику од партијата.
Инаку, изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. Изборите беа одложени поради вонредната состојба предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Опозицијата инсистираше на предвремени избори откако земјава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит на западниот блок и покрај сменетото име во Република Северна Македонија.