Вучиќ: Србија веќе доцни со изборите

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија веќе доцни со изборите и дека не разбира како некој мисли дека со воведувањето вонредна состојба или со неуставно однесување, тие понатаму да се одложуваат, јави МИА од Белград.

Вучиќ, на новинарско прашање за постоењето на можноста за влошување на епидемиолошката состојба, што би претставувало пречка за одржување изборите, кажа дека најважно е здравјето на граѓаните, но дека нема причина да се очекува таков развој на епидемијата со коронавирусот, како и дека не гледа дека одложувањето би променило нешто посериозно за оние што бараат одложување.

Вучиќ, наведувајќи дека изборите во Хрватска најверојатно ќе се одржат на 5 јули, дека тие се можни и во Македонија, а дека дел од опозицијата во Србија бара од Европскиот парламент да ги одложи во Србија, кажа дека, според Уставот и законите, изборите веќе доцнат, два-три месеци.