Обама со критика за справувањето со пандемијата на коронавирусот во САД

Поранешниот претседател на САД, Барак Обама

Поранешниот американски претседател Барак Обама упати критика до лидерите на земјата за нивниот одговр на пандемијата на коронавирусот. Според него, многу од нив не се ни преправаат дека се одговорни.

„Пандемијата конечно ја урна завестата од идејата дека многу од луѓето кои се на одговорни позиции знаат што прават“, рече Обама на онлајн настан посветен на дипломираните студенти.

Обама не го именуваше актуелниот претседател Доналд Трамп или други официјални лица, но неговите коментари беа интерпретирани како индиректна критика на сегашната администрација. Поранешните претседатели ретко отворено ги критикуваат нивните наследници во Белата куќа. Откако ја напушти функцијата во 2017 година, Обама се воздржува од коментар за Трамп.

Конгресот поделен за мерките за помош за коронавирусот

Минатата недела тој порача дека справувањето со пандемијата од страна на администрацијата е „апсолутна хаотична катастрофа“ за време на приватен повик со негови поддржувачи, кој подоцна протече во јавноста. Демократите упатуваат остри критики до Белата куќа за нејзиниот одговор на пандемијата поради која починаа околу 90 илјади луѓе во САД.