Претседателот на Партијата на Македонците во Србија, Горан Илијевски ја осуди изјавата на српскиот министер за одбрана Александар Вулин кој му порача на македонскиот претседател Стево Пендаровски дека може слободно да молчи на јазикот, кој никој не му го признава освен Србија, а на останатите јазици може уште погласно да молчи затоа што никој ниту бара, ниту му го прифаќа мислењето.
Вулин: Никој не го бара, ниту го прифаќа мислењето на Пендаровски
Вулин ја коментираше изјавата на Пендаровски за „Газета Експерес“ за неговиот став за корекција на границите меѓу Косово и Србија. Илијевски истакнува Вулин ја навредил македонската национална заедница во Србија, која исто така го зборува македонскиот јазик и дека со таква реторика не се градат пријателски односи.
„По изјавата на министерот за одбрана, кого во Србија го нарекуваат „воен дезертер“, бидејќи избегнал воена служба, а потоа станал воен министер: Дали ова е став на српската влада, која би требало да се огради, бидејќи не е првпат да ја напаѓате Северна Македонија, неаргументирано, со што ги нарушувате добрососедските односи. Минатиот пат Македонија ја означивте како центар на рушење на Србија!? Впрочем, Вие не сте министер за надворешни работи, да коментирате изјава на суверен претседател на држава. Или можеби сте дежурен да лаете и кога треба и кога не треба, за да се додворите на вашиот налогадовач или можеби границите на Косово веќе се прекроени и Косово е издадено и продадено“, се наведува во пишаната изјава на Партијата на Македонците во Србија.
Вучиќ: Пендаровски им се додворува на Германците