Покрај пријатното чувство кое сончевото и топло време го предизвикува кај мнозинството граѓани, овој период од годината го поткрева оптимизмот дека коронавирусот ќе ослабне и ќе се намали неговата заразност во лето. Овој вирус е нов, а токму недостигот од информации и искуства за тоа како се однесува во различни временски услови, дополнително ја збунува пошироката јавност.
Директорот на Центарот за јавно здравје - Скопје, Арбен Зибери, вели дека нема научни докази дека вирусот ќе го снема летово, но очекувањата се позитивни.
„Летно време се очекува реално вируленцијата на вирусот да опаѓа. Многу стручни лица, кои се најповикани во областа на вирусологијата и имунологијата, нивните претпоставки се дека не влијае толку температурата на вирусот, колку што УВ-зрачењето. Според неофицијални податоци, се смета дека ако УВ-зрачењето е повеќе од 3, се губи вирулентноста на вирусот“, вели доктор Зибери.
Сепак, тој предупредува дека граѓаните треба да бидат претпазливи и да продолжат да ги почитуваат мерките на здравствените власти. Дека вирусот е непредвидлив покажува и фактот што во земјава варира бројот на заболени од КОВИД-19.
Доктор Албер Исуфи од Кумановската болница, од градот кој по Скопје најмногу беше погоден од коронавирусот, е еден од лекарите кои заболеа од КОВИД-19. Заболел од контакт со пациенти и за среќа се лекувал дома поради полесната здравствена манифестација на болеста. На граѓаните им порачува да не го потценуваат вирусот и да ги следат мерките.
„Јас уште не сум вратен на работа. Уште сум во изолација и покрај 2 негативни брисеви. На граѓаните сакам да им порачам строго да ги почитуваат препораките, често миење раце, држење растојание, носење маски или шал, бидејќи само ако сме сите свесни и одговорни ќе може да ја држиме оваа ситуација под контрола“, порачува доктор Исуфи.
Министерот за здравство Венко Филипче неодамна изјави дека топлото време не му одговара на коронавирусот, односно вирусот не опстанува долго на топло, но сепак предупредува дека тоа не значи дека не можеме да се заразиме и во лето.
„Сметам дека ако трендот се задржи во следните денови сигурно дека во овој период следните месец, два, во летните месеци, доколку граѓаните се придржуваат на мерките, ќе можеме да ја држиме епидемијата под контрола“, изјави Филипче.
Комисијата за здравство веќе ги подготвува протоколите кои ќе треба да ги почитуваат сите компании и институции откако ќе се намалат рестриктивните мерки, а истовремено се подготвува за нов пик на вирусот наесен.
Според информациите со кои располага стручната светска јавност, топлото време може да го намали ширењето на коронавирусот во северната хемисфера, а потенцијално, да го зголеми ширењето во јужната хемисфера, во зимата која таму пристигнува. Научниците сепак предупредуваат дека факторот време не е гаранција дека ќе се спречи ширењето на вирусот во прифатливи рамки и дека најважно е сепак да се почитуваат препораките на надлежните институции.
Доктор Никола Пановски, микробиолог, е на мислење дека вирусот нема да го снема и дека треба да се научиме да живееме со фактот дека и натаму ќе има заразени. Но, вели дека топлото време најверојатно ќе ја намали заразноста.
„Македонија не е островска земја, за да се уништи болеста и затоа јас не сум изненаден што ќе си има по 20, 30 случаи дневно, мислам дека треба да се научиме да живееме со нив додека не се создаде колективен имунитет и да се надеваме дека летото самото време ќе го намали бројот на случаи“, вели доктор Никола Пановски.
Во последно време забележливо е тоа што бројката на заразени од коронавирус варира, па така, токму кога се понадевавме дека епидемијата спласнува, пак се појавија бројки од 20-30 заразени на дневно ниво. И тоа токму кога властите го скратија полицискиот час, а се размислува и за постепено отворање на кафулињата, рестораните, продавниците, па дури, според некакви протоколи и на градинките.
Пановски смета дека несоодветните мерки, а не неодговорните граѓани се причина за растот на бројот на заболени од коронавирусот последниве денови. Според него, треба да се дизајнираат мерки и да има контрола онаму каде што се шири вирусот, а не да се затвораат дома сите граѓани.
Нискиот број на претходно заболени, Пановски го лоцира во тоа што граѓаните преку полициски час беа долго време држени во карантин, а сега се олеснија мерките па излезе ваков број на заболени. Но, според него, луѓето не треба да се затвораат дома, туку епидемиолозите да лоцираат каде точно се шири вирусот и за таму да преземат конкретни мерки.
„Не треба сите граѓани да се обвинуваат за неодговорност, бидејќи граѓаните го сфаќаат тоа еве сега излегуваме надвор и се шири вирусот. Ама не може да се затвориме внатре. Значи ако ниту еден случај не се проширил на улица, во парк, во маркет, како што е во Германија и во Шведска, таму знаат точно каде се проширува, значи таму каде што се пренесува, ако е тоа фирма, погреб итн. таму треба да се насочат мерките. Инаку, друго неодговорно однесување, освен ова во Струга, не сум видел иако се собираат луѓето, но реално мислам дека така не се пренесува вирусот“, вели Пановски.
Епидемиологот, професор Драган Даниловски во разговор за РСЕ, пак, оценува дека подобро е да се почека со релаксирање на мерките до крајот на месецов за да се осигура дека коронавирусот нема да го возврати ударот.
„За да може да се размислува за релаксација на мерките ние епидемиолозите користиме еден друг, многу пообјективен индикатор кој се вика базичен репродуктивен број, кој покажува колку осетливи поединци ќе зарази еден инфициран случај. Тој репродуктивен број, (Р нула) ако е под единица епидемиско ширење нема да имаме. Кај нас во екот на епидемијата тој се движеше меѓу три и четири, а последниве денови се спушта некаде кон единица. Но, релаксирање на мерките би можеле да направиме дури откога тој ќе се спушти под единица“, вели доктор Даниловски.
Доктор Зибери, сепак, се надева дека топлиот бран кој претстои во летниот период ќе биде во наша корист. Во таа смисла тој се надева дека дури и ќе може да летуваме на море или езеро, без да се плашиме дека ќе се заразиме.
„Ако се докаже дека на високо УВ-зрачење паѓа вируленцијата на вирусот, секако дека и патувањата ќе бидат претпазливи, но нема да имаме проблеми со заразност и веројатно ќе немаме проблем со патувањата и одморите. Реално никој од сега не може да предвидува. Гледаме сека земјите најавуваат олабавување на мерките, па се повлекуваат. И кај нас еве видовме падна бројот на заразени до 7 отсто, а неделава се качи на 10 проценти. Значи и олабавувањето на мерките веднаш има рефлексија во смисла на зголемување на бројот на заразени“, вели Зибери.
Во меѓувреме, повеќе земји од ЕУ почнаа да ги релаксираат мерките, а во некои од нив почна и масовен скрининг на населението за да се види колку го прележале коронавирусот. Токму тој скрининг, според епидемиологот Даниловски, е од суштинско значење за да се спречат несакани појави.
„Раното масовно тестирање на населението и тоа со серолошки тестови има круцијално значење за согледување на дистрибуцијата на ваквите фокуси, метастази, кои колку порано ќе се откријат, толку порано може и да се изолираат и да се спречи ризикот тие да се претворат во неконтролирани пожари кои може скапо да нè чинат“, вели за РСЕ доктор Даниловски.
Заклучок на стручната јавност е дека запирањето на ширењето на оваа пандемија ќе зависи од мерките кои ги презема секоја земја и тоа дали тие ефикасно се спроведуваат, а потоа и од инфраструктурата на еден здравствен систем кој го има државата.
Европската комисија деновиве препорача постепено и координирано укинување на ограничувањата за патување помеѓу земјите членки или регионите во нив, кои имаат слична епидемиолошка ситуација, со цел да се спаси што е можно повеќе годинашната туристичка сезона.
Комисијата предлага земјите членки да се водат според три критериуми при укинување на ограничувањата. Првата е епидемиолошка, втората се однесува на можноста за спроведување рестриктивни мерки во текот на патувањето, вклучувајќи го и преминувањето на границите и дополнителни мерки каде што физичкото растојание е тешко да се обезбеди. Третиот критериум ги зема предвид економските и социјалните аспекти, при што се препорачува да се даде приоритет на прекуграничните движења во клучните економски области вклучувајќи ги и личните причини.
Особено е важен принципот на недискриминација според државјанството. Комисијата посочува дека кога една земја членка ќе одлучи да дозволи влез на нејзината територија, тоа мора да се направи на недискриминаторски начин, односно на сите лица, без оглед на националноста, кои живеат во земји или региони со слична епидемиолошка ситуација мора да им се дозволи да влезат.
Во меѓувреме, министерот Филипче уверува дека евентуалниот втор пик на овој вирус ќе го дочекаме подготвени поради досегашното искуство со коронавирусот.
„Во меѓувреме будно ќе следиме дали при олабавување на мерките можеби ќе има некакво зголемување на бројот на пациенти. Тоа ќе значи дека дури и во летните месеци некаква рестрикција ќе треба да се воведе, засега не знаеме, останува само да ги следиме бројките, да направиме анализи и да видиме дали некои други фактори влијаат на ширење на вирусот“, рече деновиве министерот Филипче.
Македонија е дел од вкупно 60 земји во светот кои вовеле рестриктивни мерки поради коронавирусот и успеале да го држат под контрола бројот на пациенти. Со носењето маски и со соодветна организација здравствените власти сметаат дека потенцијалниот следен пик ќе биде поблаг.
На корона вирусот не му важно дали е лето или зима
Експертите сè уште не можат да најдат одговор на тоа дали промените во сезонското време би можеле да влијаат врз новиот коронавирус. Деновиве имаше надежни наводи дека градовите со помалку население и во потопли климатски услови може да го избегаат најлошото од пандемијата. Дали летните месеци можеше да го згасне интензитетот на коронавирусот?
Гоце Атанасов
Дејвид Релман, експерт за заразни болести од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, вели дека научниците не можат да бидат сигурни дали коронавирусот е сезонски, бидејќи не поминало доволно долго време за да бидат собрани релевантни докази. Во случаj на нови вируси на грип, вируси на пандемски грип, тие навистина не покажаа многу сезонска состојба во нивните први години на живеење со луѓето. Потребно е одредено време тие да станат сезонски. Според Релман, кој предава микробиологија и имунологија на Стенфорд, топлото време може да има извесно влијание врз ширењето на вирусите, но тоа не значи и дека ќе може да го уништи.
„На овие вируси не им е важно кое време од годината е. Тие се грижат многу повеќе за тоа дали има подложни луѓе доволно близу за да скокнат од еден на друг. Иако може температурата на отворено да го попречува ефектот врз можноста вирусот да скокне од една до друга личност, мислам дека ако добиете доволно подложни луѓе доволно блиску, навистина нема да е важно дали е жешко надвор или ладно, вие сè уште ќе добиете трансмисија, знаете, тоа ја надминува нашата способност да го контролираме“, вели тој.
Релман смета дека треба да се направат повеќе истражувања за тоа дали и како климата игра или не игра улога во ширењето на овој специфичен коронавирус. Некои експерти се надеваа дека топлото време и наредните летни месеци во северната хемисфера ќе бидат природни тампони против коронавирусот, но Релман оценува дека ширењето на вирусот во Њу Орлеанс сугерира поинаку.
„Погледнете го Њу Орлеанс. Њу Орлеанс има страшна, експлозивна појава, а Њу Орлеанс е едно од најтоплите места во Соединетите Држави во моментов. Исто така, само да е топло и влажно не е доволно за, знаете, да спречите неконтролирано или широко распространето пренесување“, вели Релман.
Светската здравствена организација соопшти дека нема докази оти температурата ќе игра улога во пандемијата на коронавирусот, но станува збор за патека која вреди да се истражува. Американскиот претседател Доналд Трамп неколку пати повторува дека коронавирусот може да го снема кога времето ќе биде потопло.
„Дали треба да направиме политика заснована врз претпоставката дека ова е точно? Според мое скромно мислење, не“, предупредува Релман.
Епидемијата од 2002-2003 година на тежок акутен респираторен синдром (САРС) попушти во текот на летните месеци, иако не е јасно дали тоа било поврзано со временските услови или се совпаднало со построгите интервенции во јавното здравство.