Владата донесе одлука за ребаланс на Буџетот. Со него е предвидено вкупните расходи да изнесуваат 3, 95 милијарди евра, што е за 1,4 проценти поголем од претходно планираниот за годинава, додека приходите се очекува да изнесуваат 3, 2 милијарди евра. Министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес конференција соопшти декабуџетскиот дефицит ќе биде зголемен за 400 милиони евра и вкупно ќе изнесува 750 милиони евра односно 6,8 отсто од БДП согласно новата проекција.
„ Можам слободно да кажам дека во ребалансот одиме далеку поконзервативно од многу други земји кои спроведоа ребаланси а се водиме секако по основ на сите показатели кои ги имаме согласно месец април и предвидувањата за движењата во кварталите 2 и 3 како и очекувањата за стабилизација во кварталот 4, одговори Ангеловска на новинарското прашање за оптимистичко скроениот буџет.
Како што појасни даночните приходи учествуваат со 55,4 отсто и се планирани на ниво од 109 милијарди денари или 16,2 отсто (односно 21,1 милијарда) намалување во однос на првичните проекции за 2020 година. Придонесите кои учествуваат со 33 отсто во вкупните приходи како изворни приходи на фондовите се планирани во износ од 63,4 милијарди денари или за 5,4 отсто пониско во однос на планот за 2020 година или 3,6 милијарди пониско во апсолутен износ. Останатите приходи како неданочни, капитални и странски донации се планирани на ниво од 25 милијарди денари или за 3 отсто пониско во однос на иницијалните проекции.
Таа додаде дека се предвидени 82 милиони евра за Ковид-19 кризата.
Претходно Владата соопшти дека Македонија ќе се задолжува со еврообврзница, а та го одлучила Владата на вчерашната седница на која е усвоен и ребалансот на буџетот. Максималниот износ на еврообврзницата која е утврден со одлуката е 800 милиони евра, пари со кои ќе се обезбеди буџетска поддршка за годинава и за следната 2021 година.