СДСМ реализира повеќе од половина од ветеното

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СДСМ нема да организира митинзи

Учинокот на реализација на програмата е повеќе од 57 проценти за помалку од две ипол години, зборуваме генерално за сето она што како партија сме го ветиле, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа, Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ. Николовски зборува и за тоа зошто инсистираат на брзи избори, за тоа што ако ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотира изборите, а зборува и за митинзите и за новите „бомби“.

Господине Николовски, инсистирате на брзи избори. Зошто? Што ви прави разлика ако тие се одржат во јуни, јули или август?

Избори треба да има тогаш кога тоа ќе биде најмногу возможно. Поминавме низ овој период многу соодветно, со навремени и внимателни политики се справивме со здравствената криза. Сметаме дека по сите анализи, ние се базираме само на стручните епидемиолошки истражувања, анализи, податоци, нашите одлуки се базираат на тоа.

Која е разликата меѓу јуни, јули или август?

Заради тоа што во август никогаш не сме имале избори. Можно е отворање на граници, можно е зголемување на бројот на заразените. Едно од укажувањата, препораките и мислењето на експертите е дека во периодот што следи, наесен, можно е повторно зголемување на заболени. Друга причина е што државата подолго време е без функционален парламент, единствена земја во Европа што нема парламент, имаме техничка влада, таа добро се справува со состојбите, но таа е влада за организирање на изборите.

Би оделе на избори ако ВМРО-ДПМНЕ одлучи да бојкотира?

Видете и ова: Продолжување на вонредната состојба и протокол за избори

ВМРО-ДПМНЕ има единствена цел, а тоа е да бега од изборите и тоа буквално ниту презентира план како што беше најавено, ниту разговараа сериозно на оваа тема на лидерската средба, од една страна, а од друга страна, ние излеговме со конкретни факти, податоци, првенствено базирани на сите информации на Комисијата за заразни болести, од Кризниот штаб.

Ќе правите митинзи, ќе одите од врата до врата, нормално како што препорачува комисијата за заштита од заразни болести и протоколот?

Ние целосно ќе бидеме построени по препораките, мерките, политиките и одлуките на здравствените институции, на оние коишто се најкредибилни, како што кажав, и во кои граѓаните најмногу веруваат, видовме дека сериозно се справуваат со овие предизвици. Ние целосно ќе ги почитуваме сите мерки, сите препораки во делот на кампањата, пред сè нема да има митинзи, СДСМ нема да организира митинзи. Ова е шанса реформите кои ги имаме внатре во партијата оваа година силно да продолжат и понатаму, да се фокусираме и концентрираме на дигиталната комуникација и понатаму со граѓаните, да ги користиме сите нови алатки и модели на комуникација. Ние сме во еден сериозен развој како политичка партија и сите други маалски собири или други можни собири и начини на дефинирање на нашата кампања ќе бидат под строги правила – дистанца, користење на заштитни маски, дезинфекциски средства, токму така како што е предвидува усвоениот протокол за организирање на средби, состаноци и слично, така и со протоколот кој се однесува на самите избори утврден од Комисијата.

Сте ги виделе ли коментарите на некои граѓаните дека препораките од здравствените власти не важат за партиите и партиските митинзи и за верските собири, а за другите важат, особено по објавувањето на протоколот, со кој се сугерира дека партиите може да организираат митинзи и да одат врата до врата?

Голема е одговорноста на секој чинител којшто е дел од владата, затоа сметам дека како што многу прецизно длабински се справуваме со здравствената криза така и министерот за внатрешни работи треба да биде тој кој целосно ќе ја носи одговорноста во делот на спроведувањето на какви било собири во моменти кога важеле забрани, кога не смееле да се одржуваат, не смееле да се организираат, а не да бидат со полициска контрола.

Видете и ова: Функционерите корона не ги бие, може да одат и во странство

Како генерален секретар, како сте задоволни од реализација на програмата со која настапивте на изборите во 2016 година?

За две ипол години ние преку системот на СДСМ и алатките кои ги користиме секојдневно го мериме учинокот на министрите, на градоначалниците, на сите оние кои добиле шанса и одговорност да партиципираат, односно да се на позиција да ги реализираат мерките, политиките, што ги имаме. И апсолутно сме задоволни од постигнатото за две ипол години. Да повторам од земја која што беше изолирана, на раб на граѓанска војна, земја во која што се пролеваше крв во Собранието пред три години, денеска да е држава која што ги реши сите отворени прашања со соседите, која носеше храбри одлуки, која растоварено и храбро одлучуваше во интерес на граѓаните и државата, денеска сме членки на НАТО, и сме до делот на дефинирање на преговарачката рамка со ЕУ.

Еве пример во програмата за изборите во 2016 во сегментот образование пишува – Во рок од една година државни комисии составени од универзитетски професори ќе ги евалуираат сите учебници за основно и средно образование. Ова не е сторено.

Учинкот на реализација на програмата во сите сектори е над 57 проценти за помалку од две ипол години, зборуваме генерално за сето она што како партија сме го ветиле, заради тоа што постои систем преку кој ги мериме резултатите и ефектот на сето она што е направено, мандатот сме го добиле за четири години...

Имате реализирано 57 отсто?

Да за помалку од две ипол години.

Еве уште еден пример од истата програма вели – Ќе се грижиме за состојбите на македонското малцинство во соседните земји. Сега Бугарија, во овој случај, во изјавата која е прикачена кон записникот на Советот на ЕУ бара земјава да се откаже токму од тоа, од грижата за македонското малцинство во Бугарија. Прифатливо е ова сега за СДСМ? Во програмата имате дека ќе се грижите за малцинствата.

СДСМ во овие две ипол години покажа како е да се грижи одговорно една политичка партија за јазикот, за идентитетот, за културата и да ги решава храбро проблемите, ние тоа го докажавме. Го склучивме после 12 години преговарање договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, тоа значи пријателство, не значи блокади и опструкции, тоа едно со друго не оди, затоа сметам дека во самиот договор има многу инструменти коишто не ние, експертите, тие коишто се задолжени, коишто треба да ги имплементираат и ги имаат алатките токму на овој договор, да ги утврдат разликите, односно да ги решат разликите во периодот кој следи, но ние го склучивме договорот и ги градиме и негуваме тие односи, се грижиме и нашиот јазик е засекогаш запечатен како македонски.