Избори, вакцини, плажи, бомби...

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека на Советот за безбедност ќе побараат продолжување на вонредната состојба. Тој денеска го претстави протоколот за избори во време на пандемија.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп се надева на вакцина против коронавирусот до крајот на годинава, а за нејзина дистрибуција, како што рече, ќе се потпре на армијата. Како што јави МИА, во интервју за Фокс Бизнис, Трамп нагласил дека предност во вакцинирањето ќе имаат постарите Американци.

ГРЦИЈА - Врз основа на метеоролошките предвидувања, епидемиолошките податоци, но и препораката на надлежната комисија на епидемиолози, одлучено е од сабота 16 мај, да се отворат 515-те организирани плажи во земјата, соопштија од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција.

СЛОВЕНИЈА - Словенечкиот премиер Јанез Јанша од Собранието порача дека земјата најверојатно на 31 мај ќе прогласи крај на епидемијата поради коронавирусот, јави дописникот на МИА од Љубљана. Според Јанша ова нема да се случи единствено ако има неочекувано влошување на ситуацијата, односно ако се појават голем број новозаразени.

ШВАЈЦАРИЈА - Европската здравствена агенција (ЕМЕА) објави дека вакцината против коронавирус може да биде подготвена за една година и дека тоа е оптимистичко сценарио.

СРБИЈА - Премиерката на Србија Ана Брнабиќ изјави дека испратила студиозен одговор на 18 сраници на неодамнешниот извештај на Фридом хаус за 2020 година, според кој Србија од категоријата делумно консолидирани демократии. падна во категоријата хибридни режими.

ЧИЛЕ - Чилеанскиот министер за здравство, Хаиме Маналик, соопшти дека ќе биде воведен задолжителен карантин на целата зона на главниот град на Чиле, Сантијаго, каде живеат 6,5 милиони луѓе, јави Ројтерс.

АВГАНИСТАН - Бомба поставена во камион експлодираше во близина на судот во источниот авганистански град Гардез, при што загинаа најмалку пет лица. За нападот одговорноста ја презедоа Талибанците.

НИГЕРИЈА - Вооружените сили на Нигерија ослободија најмалку 72 заложници на радикалната група Боко Харам, соопшти нигериската армија. Заложниците, главно жени и деца, биле ослободени по завршувањето на неколкуте воени операции, што во последните 10 дена се спроведуваат во североисточниот дел на Нигерија.