„Здравјето на граѓаните е пред се, никој не брза да оди на избори и не сака веднаш да оди на избори, но треба да се земе предвид фактот дека коронакризата одминува, а земјата нема функционален парламент, нема политичка влада која треба да ја носи одговорноста. Затоа час поскоро треба да ја завршиме оваа работа“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев во вечерашното интервју на ТВ Телма, додавајќи дека изборите би се одржале за четириесетина дена, во втората половина на јуни.
Според него ако нема избори, би можеле да се доведеме во ситуација да ги пробиеме сите уставни рокови на четиригодишниот мандат.
Заев порача дека електронското гласаење на изборите, но и продолжување на часот за гласање на изборниот ден се добри за разгледување, доколку и опозицијата се согласи за таквиот начин на избори.
„Кога би можеле електронски да ги спроведеме изборите тоа би било одлично, но пред се треба опозицијата да се сложи со таков модел на гласање. Во земјите кои се гласа на ваков начин, прво се усогласува со закон, а опозицијата потврдува дека власта и државните органи кои ги спроведуваат изборите тоа го направиле доволно безбедно, сигурно и фер за сите партиципиенти на изборите“, истакна Заев во интервјуто за Телма.