Народна банка донесе нови монетарни мерки

Народна банка НБРМ

На вчерашната седница, Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка (КОМП), на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика, информираше денеска Народната банка.

„По намалувањето на основната каматна стапка во јануари и март, на оваа седница на Комитетот се донесе одлука за нејзино повторно намалување за 0,25 процентни поени, со што таа ќе изнесува 1,5%. Истовремено, по намалувањето на износот на благајнички записи којшто беше понуден на априлската аукција, на седницата беше одлучено понудата на благајнички записи на аукцијата што ќе се одржи денес да се намали за нови 7 милијарди денари. Заедно со средствата коишто беа ослободени со намалената понуда на благајнички записи на аукцијата во април се ослободуваат вкупно 15 милијарди денари, коишто се очекува да овозможат натамошна поддршка на македонската економија преку поттикнување на кредитната активност на банкарскиот систем“, се вели во соопштението од Народна банка.